Започна кампањата „Иднина во ЕУ“ во рамки на концептот „Учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во ЕУ“ на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Промотивната медиумска кампања пред сè има за цел да ја зголеми свесноста за важноста на реформите во областите борба против корупција, судство и спречување, заштита од дискриминација и темелни права, односно Поглавјето 23, како приоритети во процесот на пристапување кон ЕУ. Воедно, кампањата ќе ја информира јавноста за придобивките за македонското општество од реформите во овие области и ќе овозможи подобро разбирање на реформските процеси во функција на приближување и негување на европските вредности.
Кампањата е изработена врз основа на податоците добиени од истражувањата и анализите на 15-те грантисти кои добија поддршка од ФООМ во ноември 2019 за спроведување активности кои на граѓаните им помагаат подобро да го разберат концептот на Европската Унија. Вклучувањето на граѓанското општество во процесот на преговори во раните фази од преговорите е од особено значење бидејќи граѓанските организации поседуваат експертиза и искуство кои може да бидат клучни за спроведување вистински општествени реформи врзани со овие области. Имајќи го сето ова предвид, Фондацијата Отворено општество – Македонија ги додели грантовите и ја реализира оваа промотивна медиумска кампања, овозможувајќи поддршка во процесот на европеизација на нашето општество.
Кога граѓанското општество е активно вклучено во важни процеси како што е пристапувањето кон ЕУ, неспорно е дека во преден план секогаш ќе биде интересот и придобивките за граѓаните, суштинските реформи и негувањето на европските вредности клучни за понатамошниот развој. Затоа особено е важно вклучувањето на граѓанските организации во процесите и нивна соработка со власта во сегменти каде најдобро може да се искористи нивното искуство и знаење.
Како дел од кампањата изработени за 5 ТВ спотови и радио спотови, промотивни видеа за претставување на 15-те грантисти и нивните проекти, како и креативни решенија за социјални мрежи и веб банери. Погледнете ги изработените ТВ спотови и дел од материјалите кои се дел кампањата подолу
—————————————————
15 октомври 2020