Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Постоењето на комбинираните паралелки во нашата земја, поради условите и бројот на деца во основно образование во руралните средини се особено важни како за децата кои се во образовниот процес, така и за наставниците кои ги водат паралелките. Комбинираните паралелки се единствениот начин како ефикасно да се организира наставата во руралните средини, а притоа децата да се стекнат со образование кое ќе им овозможи основа за понатамошното школување.

Согласно законските прописи, одредено основно училиште, со согласност од Министерството за образование и наука може да формира комбинирана паралелка, и тоа од ученици од прво до трето одделение, со ученици од четврто и петто одделение како една група или пак со ученици од шесто до деветто одделение како друга група. Според податоците на Бирото за развој на образованието, во учебната 2018/2019 година во нашата држава имало вкупно 911 комбинирани паралелки (844 комбинирани паралелки со ученици од прво до петто одделение и 67 комбинирани паралелки со ученици од шесто до деветто одделение).

Иако праксата покажува дека комбинираните паралелки се доста чести, за жал, во педагошката теорија не се пишува многу за воспитно-образовната работа во комбинираните паралелки. Оваа проблематика не е доволно третирана ниту на факултетите што едуцираат идни наставници, а сепак, голем број одделенски наставници професионалниот ангажман го започнуваат токму во комбинираните паралелки.

Препознавајќи ги предизвиците со кои се среќаваат наставниците кои водат комбинирани паралелки и потребата за поставување на основни насоки кои ќе помогнат на наставниот кадар во работата, Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со Бирото за развој на образованието, поддржа изработка на упатство за работа во комбинираните паралелки во основните училишта.

Ова упатство, од една страна ќе биде стручна поддршка на раководниот кадар во училиштето при изборот на наставниците, при формирањето комбинирани паралелки но и организирањето на наставата. Од друга страна, ќе им дава насоки на наставниците во процесот на планирање на наставата како годишно планирање, среднорочно планирање и дневно планирање, односно планирање за наставен час. Воедно, упатството ќе биде стручна поддршка за наставниците при изборот на организациските форми, наставните методи, техники и активности, за да ги развијат и/или зајакнат своите професионални компетенции за работа во комбинирани паралелки, но и ќе дава насоки на наставниците за ефикасно организирање на просторот и времето и за создавање стимулативна средина за учење во комбинирана паралелки.

Упатството е изработено на македонски, албански, српски, босански и турски јазик и истото можете да го најдете на линковите подолу.

Упатство за воспитно-образовна работа во комбинираните паралелки во основното образование

Udhëzues mbi punën edukative-arsimore në paralelet e kombinuara në arsimin fillor

Упутство за васпитно-образовни рад у комбинованим одељењима у основном образовању

Uputstvo za vaspitno-obrazovni rad u kombiniranim odjeljenjima u osnovnom obrazovanju

İlköğretim Okullarında Karma Sınıflarda Eğitim Öğretime Ait Taliṁ at

—————————————————

10 септември 2020