Фондациите Отворено општество соопштија дека ќе обезбедат над 16 милиони долари за поддршка на итни климатски кризни приоритети поврзани со пандемијата на КОВИД-19, со фокус на зелените економски стимулативни планови, како и на запирање на обидите на авторитарните општества да ја намалат заштитата на животната средина.
Овој пакет е дел од инвестицијата од над 130 милиони долари, најавена минатата недела, со која ќе се обезбеди намалување на штетните последици предизвикани од корона вирусот на светско ниво.
Научниците веќе долго време предупредуваат дека климатските промени се всушност повеќекратна закана, тие ќе отвораат нови, но и ќе ги продлабочат постојните нееднаквости и неправди. Пандемијата со КОВИД-19 дополнително ги влоши климатските закани и ја стави фокус итноста за преземање акција која е базирана на докази, а која ќе помогне да се спречи катастрофално влијание на заканите врз здравјето на луѓето, животната средина и глобалната економија.
„Уште од самиот почеток Фондациите се справуваат со најголемите закани на отвореното општество”, вели Александер Сорос, заменик-претседателот на Фондациите Отворено општество. „Климатската криза претставува егзистенцијален ризик за сите заедници кои ние ги поддржуваме. Оваа финансиска поддршка е продолжување на нашето континуирано и посветено залагање за човековите права, социјалната правда и еднаквоста”.
Во овие моменти, кога очекувано ќе произлезат различни стимулативни пакети, планови за финансиска поддршка, но и програми за поддршка на работниците, а со цел справување со последиците од КОВИД-19, одлуките кои ќе се донесат, или ќе овозможат прогрес и развој во насока на инклузивна, зелена и праведна иднина, или пак, ќе ги поддржат досегашните деструктивни практики кои се закана за сите нас.
„Пандемијата со КОВИД-19 ги направи реални и видливи опасностите од игнорирањето на науката и научните докази. Светот се соочува со два итни случаи во исто време – климатската криза и глобалната пандемија и тие ги продлабочуваат расните, родовите и економските неправди – потенцира Патрик Гаспар, претседателот на Фондациите Отворено општество.
„Пред нас претстои период во кој треба да се донесат значајни одлуки, кои ќе помогнат општеството да закрепне од последиците од пандемијата. Фондациите Отворено општество брзо и ефикасно одговори на предизвиците, пред сè преку поддршка на работниците со ниски примања како и на работниците кои се на првите линии во борбата со КОВИД-19, но и преку поддршка на сите оние кои преземаат храбри чекори кон праведна и одржлива иднина”, истакна Гаспар.
Финансиската поддршка вклучува:
- 8,95 милиони долари за поддршка на зелени економски стимулативни планови во САД и Европа, преку борба со дезинформациите и поддршка на реформи кои се фокусираат на работниците со ниски примања, најизложените работници и демократијата;
- 3 милиони долари поддршка за непартиска, граѓанска мобилизација и застапување на светско ниво со фокус на квалитетот на воздухот, но и на намалување на употребата на фосилни горива, поддршка која ќе обезбеди забрзано, праведно и ефективно пренасочување кон обновливи извори на енергија и кон одржливо и отворено општество; и
- 2 милиони долари поддршка за постојната акција за спречување на зголеменото уништување на шумите во Јужна Америка, што е особено важно ако се земе предвид намалувањето на мерките за заштита на животната средина во време на пандемијата на КОВИД-19.
Извор: Фондации Оворено општество
—————————————————
23 април 2020