Фондацијата Отворено општество – Македонија будно го следи развојот на настанитеврзани со здравствената криза и борбата со COVID – 19 и понатаму активно обезбедува помош и поддршка пред сè за маргинализираните граѓани чија заштита е наш највисок приоритет. ФООМ овој пат обезбеди дополнителни 1.260 хуманитарни пакети за загрозените ромски семејства кои се социјално и економски најдиректно засегнати, а кои не беа опфатени со првата дистрибуција на хуманитарна помош.
Во соработка со Црвениот Крст, хуманитарните пакети ќе се дистрибуираат и ќе стигнат до домовите на над 5.000 граѓани од ромската заедница во 9 градови – Берово, Радовиш, Струмица, Кавадарци, Неготино, Кичево, Кочани, Штип и Велес.
За непречено одвивање на активноста, Црвениот крст на терен ќе соработува со претставниците на ромски организации кои се дел од РОМАКТЕД програмата како и со Кризниот штаб на општина Берово. Голема благодарност за нивниот несебичен ангажман и пожртвувана работа.
Ние во Фондацијата Отворено општество – Македонија сме посветени на градењето толерантно и инклузивно општество, отворено за учество на сите граѓани подеднакво. Поддршката и учеството на ромската заедница во подобрувањето на условите за пристап до образование, здравствени и правни услуги, но и за промена на перцепциите, ставовите и однесувањата кон Ромите останува наш фокус и понатаму.
—————————————————
27 април 2020