Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Интервју со Џорџ Сорос за De Telegraaf

Колку долго ќе трае штетата од коронавирусот врз економијата во еврозоната?

Подолго отколку што повеќето луѓе мислат. Еден од проблемите е тоа дека самиот вирус брзо еволуира и го менува начинот на кој ги напаѓа човечките органи. Тоа ќе го отежни развивањето сигурна вакцина.

Вие се залагате за издавање трајни обврзници. Зошто тие би биле подобро решение од корона обврзници? И кои се ризиците од издавањето трајни обврзници?

Европската јавност и нивните политички лидери не се запознаени со трајните обврзници или „консоли“ како што ги нарекувам сега, но консолите се добро познати во Обединетото Кралство и во САД. Тие имаат долга историја во обете земји. Во Обединетото Кралство тие, меѓу другото, биле користени за финансирање на војните против Наполеон и за финансирање на Првата светска војна. Во САД, тие беа воведени уште во 1870-те години.

Како што кажува и нивното име, главницата на една трајна обврзница никогаш не треба да се исплати, туку за исплата доспева само годишната камата. Обврзница во износ од 1 трилион евра би чинела 5 милијади евра годишно, под претпоставена каматна стапка од 0,5%. Консолите не треба да се продадат одеднаш, тие може да се издаваат во транши и веднаш би биле разграбани од долгорочните инвеститори како што се компаниите за животно осигурување кои бараат долгорочни обврзници кои би биле врзани за нивните обврски. Како што пазарите ќе се запознаваат со новите инструменти, со текот на времето траншите би привлекле поголем број купувачи и евентуално обврзниците би почнале да носат и премија. Ова е многу добро време за издавање долгорочни обврзници. Германија неодамна продаде 30-годишна владина обврзница со негативна стапка на принос.

За жал, мојот предлог за трајните обврзници беше изедначен со „корона обврзници“ и тоа ја затру дебатата. Тие две работи немаат ништо заедничко. Корона обврзниците беа одлучно отфрлени, и тоа со добра причина, имајќи предвид дека налагаат степен на взаемно споделување кој едноставно е неприфатлив. Токму затоа јас сега зборувам за „консоли“. Единствената взаемна обврска е исплатата на годишната камата, која е во незначителен износ. 5 милијарди евра годишно ги обезбедува итно потребните 1 трилион евра, што претставува исклучително низок сооднос на трошокот и придобивката од 1:200! Тој степен на взаемно споделување би требало да биде лесно прифатлив за држвите-членки кои би дејствувале едногласно или преку коалиција на оние кои се подготвени за такво нешто.

Разбирливо е тоа што земјите од таканаречениот ханзеатски сојуз, како што е Холандија, сакаат да го одржат нивниот придонес во европскиот буџет на минимум. Сепак, сега тие се соочени со избор: можат да продолжат да се спротивставуваат на консолите и да прифатат удвојување на буџетот или можат да станат ентузијастички поддржувачи на консолите и, доколку тие се успешни, да го зголемат нивниот придонес во буџетот за 5%. Јас го повикувам ханзеатскиот сојуз и холандската јавност да размислат која алтернатива ја претпочитаат.

Дали постојат одредени правни проблеми за ЕУ да издаде трајни обврзници или консоли како што ги нарекувате?

Да, постојат и тие се навидум непремостливи. ЕУ мора да го одржи кредитниот рејтинг од ААА, инаку обврзниците не би можеле да се продаваат. Тоа налага ЕУ да има доволно „сопствени ресурси“ – даноци што можат да се воведат за да се покрие трошокот за сервисирање на обврзниците. Воведувањето даноци е долг и мачен процес бидејќи секоја земја има сопствени правила и во некои од нив, како Белгија, правилата се многу комплицирани. Процесот би одземал неколку години и токму затоа реков дека правните пречки се навидум непремостливи.

Но постои и решение. Даноците треба само да бидат овластени, тие не треба да се спроведуваат. Овластувањето може да се направи за неколку недели, а не за неколку години. Откако ќе бидат овластени, ЕУ веднаш би можела да премине на издавање трајни обврзници или консоли. Трајните обврзници имаат огромна предност пред обврзниците кои имаат краен рок за исплата. Како што сугерира и нивното име, главнината никогаш не се исплатува, туку се исплатува само годишната камата. Како што реков претходно, таа сума е толку минимална со што државите-членки лесно би се согласиле да ја исплатат. Тоа би требало да биде посебно привлечно за ханзеатскиот сојуз предводен од Холандија. Токму затоа земјите од ханзеатскиот сојуз треба да стана ентузијастички поддржувачи. Во Германија, Ангела Меркел сè уште е канцеларка и таа е единствената личност која може да го надгласа ордолибералниот естаблишмент. Со нивна поддршка, Самитот на ЕУ кој се очекува да биде одржан на 27 мај сепак може да ги прифати консолите како привлечна алтернатива што би се разгледала, но времето е премногу кратко. Потребно е да се разбере и да се усвои еден целосно непознат инструмент.

Што ќе се случи ако вашето решение не се прифати?

Исклучителни околности налагаат исклучителни мерки. Трајните обврзници или консоли се таква мерка. Тие дури и не би требало да се разгледуваат во нормални времиња. Но, ако ЕУ не е способна да ги разгледа сега, таа нема да може да ги преживее предизвиците со кои моментално се соочува. Ова не е теоретска можност, туку може да биде трагична реалност.

Коронавирусот и климатските промени не се закана само за животите на луѓето туку и за опстанокот на нашата цивилизација.

Европската Унија е посебно ранлива бидејќи таа се темели на владеење на правото, а познато е дека тркалото на правдата многу бавно се движи. За разлика од тоа, коронавирусот се движи многу брзо и на непредвидлив начин.

Токму затоа ЕУ треба да издаде трајни обврзници. Издавањето обврзници чијшто сооднос меѓу трошокот и придобивката е 1:200 отвора извонредно голем фискален простор. Парите што ќе се соберат не мора да се распределуваат според таканаречениот фискален клуч, т.е. според учеството на државите-членки во ЕЦБ. Тие може да се распределат на оние земји кои имаат најголема потреба. Најголем дел од средствата би отишле кон јужните земји бидејќи тие беа најсилно погодени и во тие земји средствата би им помогнале на луѓето кои имаат најголема потреба и на оние кои се најпотребни, како што се нерегистрираните земјоделски работници. Дел од ова веќе се случува, но сумата на пари што се на располагање за таа намена треба да биде значително зголемена.

Вие сте силен поддржувач на кампањата за останување во ЕУ. Што можеше да направи ЕУ за да го избегне Бегзит? И дали таа треба да спречи заминување на други држави-членки од Унијата?

Нема поента да се плаче за веќе истурено млеко. Но, прашањето како да се спречи другите земји да не го следат примерот на Обединетото Кралство е многу важно.

Јас сум посебно загрижен за Италија. Матео Салвини, лидерот на партијата ЛЕГА, се залага земјата да го напушти еврото и ЕУ. За среќа, неговата лична популарност опадна по неговото заминување од владата, но неговите заложби добиваат на сила. Што ќе остане од Европа без Италија? Италија беше најмногу про-европски ориентирана земја. Италијанците повеќе ѝ веруваат на Европа отколку на нивните влади, и тоа со добра причина. Но, тие беа лошо третирани за време на бегалската криза во 2015 година. ЕУ ги спроведе таканаречените даблински прописи кои целиот товар го ставаат врз земјите каде бегалците прво стигнале и не понуди никакво споделување на финансискиот товар. Токму тогаш Италијанците одлучија да гласаат за партијата ЛЕГА на Салвини и за движењето Пет ѕвезди, и тоа со голема предност на изборите. Неодамна, олеснувањето на правилата за државна помош во корист на Германија беше посебно неправедно кон Италија, која веќе беше болниот во Европа и потоа беше најсилно погодена од КОВИД-19.

Звучите прилично песимистички.

Напротив. Сè додека можам да предлагам идеи како што се трајните обврзници јас нема да се откажам од надежта.

—————————————————

26 мај 2020