Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира и ја искажува својата загриженост поради последните објави на социјалните мрежи од страна на претставници на политичката партија Левица со повик за дискредитација на граѓанскиот сектор и со закана за обновување на процесот на „десоросоидизација“.

Нападите врз граѓанскиот сектор и врз активистите за човекови права се слика на претходното владеење во државата кога граѓанските организации, како едни од најгласните критичари на власта, често беа мета на јавна осуда и понижување. Колку за потсетување, тогашниот процес на т.н. „десоросоидизација“ доведе до интензивен говор на омраза на социјалните мрежи против борците за човекови права и граѓанските организации, а дел од нив трпеа и физичко вознемирување и закани за нанесување на смрт.

Со ослободувањето од претходниот режим, беше ослободен и граѓанскиот сектор. Граѓанските организации и активистите за човекови права повторно беа вклучени во процесите на креирање на политики и станаа партнери, но и коректори на власта за да се придонесе кон демократизација на државата. Затоа, најавите на челниците од Левица за обновување на прогонот на граѓанските организации нарекуван „десоросоидизацијата“ несомнено отвораат можност за повторно разгорување на омразата, насилството и дискриминацијата кон борците за човекови права и за нивна јавна дискредитација, како и за повторен политички прогон на активистите од страна на Левица и од нивните истомисленици, со што директно се загрозуваат слободата и демократијата во државата како основни начела за кои граѓанските организации се залагаат.

За потсетување, улогата и важноста на граѓанскиот сектор е нагласена и во последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на државата како клучна компонента на секој демократски систем. Нагласена е и неговата вклученост во подготовката на сите клучни закони, вклучувајќи ги Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

Граѓанското општество значајно придонесе кон овозможување заштита на човековите права и на фундаменталните слободи, особено преку помошта и поддршката што ги обезбедува за најранливите категории на граѓани. Имено, граѓанските организации сè уште претставуваат клучен фактор во нудењето на правни, социјални и здравствени услуги за голем дел ранливи, социјално исклучени групи и малцински заедници коишто немаат пристап до овие услуги на јавните институции.

Дополнително, една од препораките на ЕУ се однесува на продлабочување на соработката и на зајакнување на актуелниот дијалог, особено во интер-парламентарните групи кои во најголем дел се резултат на усилбите на граѓанскиот сектор. Конечно, истакната е и препораката до локалните власти и понатаму да ги вклучуваат грас-рут организациите во креирањето политики и при донесувањето на одлуките.

Оттука, бараме претставниците на политичката партија Левица да престанат со ширење на неточни информации и говор на омраза кон граѓанскиот сектор и негово делегитимирање, бидејќи со загрозувањето на позицијата на граѓанскиот сектор, кој не само што (треба да) учествува во подготовката на политиките и будно да го следи нивното спроведување, најдиректно се доведуваат во опасност правата на граѓаните, особено оние на маргинализираните лица во нашето општество.

Исто така, бараме од Основното јавно обвинителство поблиску да го следи говорот на омраза поврзан со т.н. „десоросоидизација“ и да преземе поактивна улога за негово санкционирање заради навремена заштита на угледот и достоинството на граѓанските организации и борците за човекови права.

Со почит, 

Членките на Мрежата за заштита од дискриминација:

Фондација Отворено општество – Македонија

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување

Станица П.Е.Т

Заедно Посилни

Коалиција МАРГИНИ

Хелсиншки Комитет за човекови права

Македонско здружение на млади правници

ЛГБТИ Центар за поддршка

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје

Национална мрежа Глас против насилство

ЕСЕ Здружение за еманцијапција, солидарност и еднаквост на жените

 

—————————————————

30 декември 2021