Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Владата на РСМ на 1 ноември 2021 ја информираше јавноста дека на 30 октомври го усвоила Предлог-буџетот за 2022 година и дека Предлог-законот за буџетот е доставен до Собранието на РСМ. Во Предлог-законот е испланиран речиси истиот буџет за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) споредено со 2021 година, кога во неговата подготовка не учествуваа претставници на КСЗД. Имено, усвоениот Предлог-буџет за КСЗД предвидува 15.320.000,00 денари, расчленети во неколку ставки. Особено загрижува тоа што во Предлог-буџетот не се испланирани средства за спроведување на активности од страна на КСЗД во насока на промовирање на принципот на еднаквост и ефективно спречување и заштита од дискриминација.

Мрежата за заштита од дискриминација потсетува дека во изминатиов период бевме сведоци на случаи на расно профилирање и полициска бруталност врз Роми, ограничување на пристапот до здравствена заштита, повикување и поттикнување дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, кршење на правата на текстилните работнички и тн. Оттука, Мрежата за заштита од дискриминација цени дека функционалната независност на КСЗД треба да биде загарантирана, преку овозможување на соодветни финансиски ресурси за нејзино непречено и сеопфатно функционирање, што е потенцирано и од Европската комисија. Предвидениот буџет за КСЗД во Предлог-законот за буџетот на РСМ за 2022 година е манифестација на системската негрижа за најранливите групи граѓани. Малиот буџет кој не соодветствува на потребите и надлежностите на Комисијата, најмногу ќе се одрази на овие групи граѓани кои се најподложни на дискриминација.

Затоа, Мрежата за заштита од дискриминација бара изразување на политичка волја за дејствување во насока на унапредување на принципот на еднаквост со тоа што парламентарните претставници ќе го ревидираат Предлог-буџетот за КСЗД и ќе биде зголемен според потребите и надлежностите на КСЗД, а потоа и усвоен.

Оттука,

Во услови на бројни логистички и финансиски предизвици со кои се соочува КСЗД, Мрежата во неколку наврати повика на неопходноста од зголемување на буџетот преку објективни критериуми согласно надлежностите и соодветна поддршка од клучните институции. Токму нискиот буџет, недоволните и несоодветно распределените финансиски средства за остварување на надлежностите, ја загрозуваат самостојноста и независноста на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Во крајна линија, ова значи дека на најмаргинализираните значително им се ограничува пристапот до ефективен заштитен механизам, а воедно и се зајакнува и одржува системската дискриминација во нашето општество.

—————————————————

19 ноември 2021