Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со 60-тина организации, новинари и поединци од Европа и пошироко даде поддршка за новинарите кои го остваруваат правото на слободен пристап до информации, изразувајќи притоа загриженост за настаните кои го опкружуваат шокантното убиство на новинарот Јан Куцијак.

ФООМ 15 години во континуитет работи на унапредување на правото на слободен пристап до информациите преку активно учество во подобрувањето на законската рамка и практиката во државата. За нас, сознанието дека убиство на Јан Куцијак најверојатно се должи на неговата посветена работа како истражувачки новинар и дека неговиот идентитет најверојатно бил откриен при барањето за слободен пристап до информации е вознемирувачко. Правото на слободен пристап до информации е човеково право, но исто така е суштинска алатка во борбата против корупцијата, при истражувањето на можни повреди на човековите права и секако е круцијална алатка за зголемување на  транспарентноста и отчетноста на властите што влијае на владеењето на правото. Сите граѓани треба да имаат можност да го искористат правото на слободен пристап до информации, без став од последици, а државите и ЕУ треба да обезбедат јакнење на законската рамка со која заштитата на идентитетот на оние кои го користат правото на пристап до информации е врвен приоритет.

Затоа, ФООМ се приклучи кон повикот испратен до сите 751 пратеници на Европскиот Парламент повикувајќи ги парламентарците да преземат итни акции за заштита на новинарите и сите оние кои го остваруваат правото на слободен пристап до информации. Писмото со целосната изјава потпишана од (во моментов) 61 организација, испратена до Европските парламентарци, можете да ја прочитате тука.

Дополнително, ги повикуваме сите новинари, организации и поединци кои сакаат да дадат поддршка, да го направат тоа преку потпишување на изјавата тука. Изјавата ќе биде отворена за потпишување до понеделник, 19 март до 18 часот.

—————————————————

14 март 2018