Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Истражувањето „Структура на вработените на јавните универзитети и научни установи во РСМ“ е работено врз основа на податоците на МОН за исплатени лични доходи за јануари 2019 година. Податоците се добиени согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од обработката  на податоците за Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје (УКИМ) исклучени се Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет, поради двојниот работен однос на наставниот кадар.

Старосната структура на двата, своевремено единствени, универзитета во државата е крајно загрижувачка. Тоа посебно се однесува на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола (УКЛО), каде што скоро на половина од факултети нема ниту еден асистент, но и бројот на професорски кадар на одредени единици е исклучително мал. Ако некогаш еден професор имал по еден или два асистента, овој однос е сосема нарушен во корист на редовните професори кои со заминувањето во пензија ќе ги остават катедрите празни. На ниво на цел УКИМ, оваа структура е за нијанса подобра, но сè едно алармантна. На ниво на единици на четвртина од факултетите нема воопшто асистенти, а на оние кои имаат најголем број редовни професори, помеѓу 55 и 66, има само 2 до 3 асистента. Слична е состојбата и со најголемот број на јавни научни институти.

За нормално одвивање на наставно-научната работа во високообразовните и истражувачките институции, неопходен е и ненаставниот кадар. Покрај административ­ната служба, библиотека, студентски прашања, во оваа група влегуваат и лаборантите и друг помошен персонал.И тука ситуацијата на УКИМ е крајно неповолна, за разлика од останатите универзитети каде што бројот на ненаставен кадар е скоро изедначен со бројот на наставен кадар. Кај дел од релативно новите универзитети, Државниот универзитет Тетово (ДУТ) и Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип (УГД), дискутабилен е процентот на вработените со основно образование -на еден од нив достигнува високи 15% од вкупниот број на вработени. Се забележуваат и парадоксални ситуации, како што е постоењето на институт со само двајца асистенти, ниту еден истражувач и дури 10 административци, но и универзитет со само 10 професори и уште толку асистенти.

Ако не се променат политиките на вработување во високото образование и науката, проблемот ќе се проширува секоја следна година, а последиците ќе бидат катастрофални како по опстанокот на институции така и по растот и развојот на државата. Доколку уште утре не се направи широк и суштински исчекор во смисла на ревитализација на универзитетите и институтите, како и во смисла на плати кои ќе бидат стимулативни за привлекување на младите потенцијални кадри, понатаму веќе нема да има простор за некој значаен пресврт.

Оттаму, НАкС бара во Буџетот на МОН за идната година да се обезбедат дополни­телни финансиски средства за вработување нов кадар, како и за приближување на платите на вработените во високото образование и науката до нивото на платите во регионот. Нужна е измена на законските решенија со кои јавните универзитети и научни установи нема да подлежат на процедурата за добивање согласност за вработување на испразнетите работни места за кои веќе биле обезбедени средства во Буџетот. Целта е на универзитетите и на институтите да им се овозможи уставно загарантираната кадровска автономија и да се прекине со долгогодишната пракса на посредно влијание врз кадровската политика на институциите од страна на власта.

—————————————————

30 октомври 2019