Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондациите Отворено општество додели паритетен грант на Отвореното владино партнерство (ОВП) со потенцијална вредност од околу 10 милиони долари како форма на нова поддршка. Овој паритетен грант ќе му помогне на ОВП да го зголеми обемот на својата работа и да ги поддржи владите членки на ОВП и граѓанското општество заедно да развијат и да спроведат реформи за отворени влади кои испорачуваат резултати за граѓаните.

„На премногу места ширум светот, граѓаните сметаат дека избраните влади се неповрзани и нереспонзивни, или коруптивни и заробени. Во исто време, можноста на граѓаните слободно да зборуваат, да се здружуваат и да се собираат, е под закана. Преку работата со претставници  од власта, граѓанското општество и другите засегнати страни кои ги имаат реформските процеси на ум, отворената влада може да го компензира потенцијалниот подем на репресивни влади и да биде позитивна глобална сила за заживување на демократијата. Вредната донација од Фондациите Отворено општество за ОВП ќе обезбеди ресурси и партнерства за унапредување на оваа цел“, вели извршниот директор на Отвореното владино партнерство Санџаи Прадан.

Како дел од ова партнерство, Фондациите Отворено општество ќе доделат 1 милион долари на ОВП во 2020 година и дополнителни 4 милиони долари како паритетни грантови во период од три години доколку ОВП собере 5 милиони долари од други партнери.

„Отвореното владино партнерство ни покажува како земјите работат заедно за да го направат владиниот процес на донесување одлуки пореспонзивен и поотчетен. Ако сакаме да ги надминеме глобалните предизвици на мирен начин, тоа е единствениот пат напред. Затоа, се надевам дека други донатори ќе одговорат на предизвикот што го поставува овој паритетен грант за поддршка на визијата којашто ни е многу потребна во моментов“, вели Патрик Гаспар, претседател на Фондациите Отворено општество.

Конкретно, овој грант :
– ќе ги поддржи владите и граѓанското општество да ги унапредат реформите во приоритетни членки на ОВП;
– ќе ги унапреди заедничките приоритети при креирањето јавни политики, вклучително и во областите на антикорупција, пристап до правда, јавни услуги, род и инклузија, и унапредување на условите за развој на граѓанското општество;
– ќе го поддржи ОВП да го зголеми своето влијание и да ја зајакне својата позиција, а воедно да ги зајакне глобалните партнерства и застапувањето, да продолжи да организира влијателни меѓународни самити кои поттикнуваат акција, да креира паметна глобална медиумска кампања врзана со прашањата на род и инклузија и да изгради портфолио на инспиративни приказни во рамки на ОВП;
– ќе го поддржи ОВП да инвестира во следење, евалуација и истражување, со цел да обезбеди најдобри докази кои ќе помогнат во процесите на донесување одлуки креирани на база на докази.

Почнувајќи од 2011 година, ОВП формира исклучителни партнерства помеѓу владините лидери и застапувачите на граѓанското општество, партнерства кои ги комбинираат овие моќни чинители со цел промоција на отчетно, респонзивно и инклузивно владеење. Седумдесет и деветте земји што членуваат во ОВП и растечкиот број на локални влади, кои заедно претставуваат повеќе од 2 милијади луѓе, како и илјадниците граѓански организации, обезбедија речиси 4.000 заложби за владите да станат потранспарентни, партиципативни, респонзивни и отчетни пред граѓаните.

Република Северна Македонија, на овогодинешниот шести самит на Отвореното владино партнерство кој се одржа во Отава, Канада, беше препознаена како позитивен пример за тоа како Отвореното владино партнерство обезбедува значајни реформи, обезбедувајќи олеснет пристапот до правда, особено за најранливите граѓани во земјата.

На самитот, Претседателот на Фондациите Отворено општество, Патрик Гаспар истакна: „Десет проценти од акциските планови за Отворено владино партнерство сега го поврзуваат пристапот до правда со отворена влада. Во Северна Македонија, Владата поддржува четири независни центри за пристап до правда кои се фокусираат на маргинализираните групи и обезбедуваат обуки за правно зајакнување за владините службеници.“

Целосното обраќање на Претседателот на Фондациите Отворено општество, Патрик Гаспар можете да го чуете тука:

—————————————————

12 јуни 2019