Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Предизвиците за отвореното општество кои пред нас ги постави епидемијата со COVID-19 бараат агилност, брза реакција и флексибилност. Препознавајќи ја итноста на ситуацијата, во услови на намалена финансиска поддршка за граѓанското општество, Фондацијата Отворено општество – Македонија продолжува посветено да работи на негов развој и поддршка.

Обезбедивме поддршка во вкупна вредност од 190.000 долари, со цел да овозможиме услови за работа, во време на криза, за граѓанските организации кои се клучен сегмент во едно демократско општество, а кои се погодени од вонредната состојба, како и останатите сегменти од општеството.

Грант-шемите вклучуваат и ќе овозможат следење на институциите и функционалноста на системот во услови на криза во областите борба против корупција, судство и спречување и заштита од дискриминација, кои се приоритети во процесот на пристапување во ЕУ. На овој начин граѓанските организации ќе продолжат активно да ги набљудуваат процесите во кризниот и пост-кризниот период, и ќе реагираат со цел подобрување на политиките и практиките во овие области.

Воедно дел од средствата ќе обезбедат поддршка за локалните граѓански организации во Битола, Тетово и Штип за надгледување на локалните власти во областите животната средина, трошење на јавни пари и урбанистичко планирање и за застапување кое се базира на барањата и приоритетите на граѓаните.

Финансиска поддршка добија над 35 граѓански организации кои активно работат и придонесуваат кон заштита и промоција на вредностите на отвореното општество.

Ние во Фондацијата Отворено општество – Македонија остануваме посветени на развојот на граѓанското општество и заложбата за активно учество на граѓаните во општеството – во креирањето на политики и практики кои придонесуваат кон унапредување на владеењето на правото и доброто управување и кои ќе овозможат слободно, демократско, мултикултурно и мултиетничко општество во кое има место за сите.

—————————————————

27 мај 2020