Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Концепт I Учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во ЕУ

1. За концептот Учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во ЕУ

Овој Концепт е дизајниран со генерална цел да ги поддржи реформските процеси во областите борба против корупција, судство и спречување и заштита од дискриминација, како приоритети во процесот на пристапување во ЕУ.

Специфични цели се:
1) Да се зајакне капацитетот и да се зголеми знаењето на граѓанските организации и администрацијата за прашања поврзани со институционалната структура на ЕУ и клучните политички процеси, за процесот на преговори и за правото на ЕУ во областите борба против корупција, судство и спречување и заштита од дискриминација;
2) Да се овозможи структуриран дијалог помеѓу граѓанските организации и Владата, како механизам за креирање јавни политики во областите борба против корупција, судство и спречување и заштита од дискриминација;
3) Да се набљудува целокупниот процес на пристапување во ЕУ за да се осигура дека реформите му служат на јавниот интерес и ги задоволуваат очекувањата на граѓаните и
4) Да се зголеми протокот на информации и да се подобри разбирањето на граѓаните за реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ, со што ќе им се помогне да направат информиран избор и поддршка на реформските процеси за европеизирање на општеството.

ФООМ во фокусот на својата работа ги избра овие области, од една страна, бидејќи владеењето на правото, судството и фундаменталните права имаат највисок приоритет во процесот на пристапување во ЕУ, а од друга страна за нив се забележани големи недостатоци во однос на политиките и практиките.

2. Основни информации и цели

Фондацијата Отворено општество – Македонија во рамки на концептот Учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во ЕУ објавува повик за доделување на грантови за граѓански организации за спроведување проектни активности кои ќе овозможат подобро разбирање на процесот на пристапување на РСМ во ЕУ од страна на граѓаните.

Со цел зголемување на протокот на информациите и подобрување на разбирањето на граѓаните на реформските процеси во текот на пристапувањето во ЕУ, проектните активности треба да бидат насочени кон подигнување на свеста кај граѓаните за важноста за забрзување на процесот на пристапување и да имаат подобри капацитети за разбирање на реформските процеси за европеизирање на општеството.

Наведени се типови на акции кои се очекува да бидат комбинирани и поддржани, но не се ограничува на нив:
• Мониторинг и/или истражување на теми поврзани со поглавје 23 (Судство и темелни права) а во насока на исполнување на обврските за пристапување во Европската Унија;
• Промотивни активности во насока на промоција на добиените резултати од истражувањето и анализата, како и настани за комуникација на пораките;
• Локални кампањи за зголемување на јавната свест за важноста на забрзување на процесот на пристапување во областите од поглавје 23 (Судство и фундаментални права) неопходни за членство во ЕУ;
• Продукција на промотивни изданија (весник, брошури, инфографици, видеа и сл.) наменети за јавноста во насока на подигнување на јавната свест за разбирање на реформските процеси во поглавје 23 (Судство и фундаментални права);
• Активности насочени кон едукација на одредени групи за подобрување на капацитетите во насока на разбирање на потребните реформски процеси во Поглавјето 23, а во насока на исполнување на обврските за пристапување во Европската Унија;
• Кампањи за зголемување на јавната свест за придобивките и можностите кои ги нуди членството во Европската Унија.

Важно: Во предлог – проектите задолжително е да бидат вклучени активности од следниов тип:
• Разработка на методологија за реализација на мониторинг и/или истражувачки активности;
• Изработка на една анализа/извештај во која се претставени клучните наоди од спроведените мониторинг и/или истражувачки активности;
• Изработка на комуникациски план за промоција на проектните активности, вклучително и промоција на мониторинг и/или истражувачки активности;
• Изработка на промотивни изданија (весник, брошури, инфографици, видеа и сл.) наменети за јавноста во насока на подигнување на јавната свест за разбирање на реформските процеси во поглавје 23 (Судство и фундаментални права).

Важно: Успешните апликанти се обврзуваат да се вклучат и во други активности, дел од проектот како целина, организирани, спроведени и координирани од  ФООМ, односно:
• Да земат учество во заеднички настан за промоција на грантистите;
• Да земат учество во креирањето на слоган и лого на заедничка кампања на грантистите, како и да учествуваат во доработка на пораките од нивните проектни активности во насока на креирање медиумски содржини за зголемување на протокот на информации поврзани со пристапувањето во ЕУ а кои ќе бидат достапни и лесно разбирливи за пошироката јавност;
• Да подлежат на менторство за време на спроведување на проектните активности, како и доработка на комуникацискиот план за промоција на проектните активности, со менторска поддршка од ФООМ; и
• Да присуствуваат на координативни средби организирани од донаторот.

Овие активности не е потребно да се разработуваат во предлог-проектите со кои се аплицира за оваа грантова шема.
3. Максимален износ на грантови

Вкупниот фонд на грантовата шема изнесува 105.000 американски долари, а поединечниот износ за еден грант може да биде во висина од 5.000 до 7.000 американски долари.

Временскиот рок за спроведување на проектните активности изнесува 6 месеци односно од 1 јули до 31 декември 2019 година.

4. Повикот е отворен за сите граѓански организации кои:

• Се регистрирани како здруженија и фондации согласно Законот за здруженија и фондации;
• Имаат активен статус во Централен регистар;
• Поднеле комплетна апликација и придружни документи;
• Поднеле апликација до утврдениот краен рок;
• Побарале финансиски средства во висина од 5.000 до 7.000 американски долари;
•  Да имаат остварено максимален годишен приход за претходната година во износ до 20 милиони денари.

5. Критериуми за избор

Критериумите за избор кои ќе бидат применети при одлучувањето се следни:
1. Технички пристап (max. 60 поени)
o Релевантност на потребите и прашањата што се опфатени; (max. 30 поени)
o Квалитет на предложените активности; (max. 30 поени)

2. Капацитет и искуство на вклучените здруженија и фондации  (max. 20  поени)
o Капацитети на организацијата за реализација на спроведените активности;  (max. 10 поени)
o Релевантни искуства и резултати во реализација на слични проектни активности. (max. 10 поени)

3. Предлог-буџет (max.20 поени)
o Рационалност на буџетот и соодветна распределеност меѓу партнерите; (max. 10 поени)
o Административни, финансиски и менаџерски капацитети на организацијата-носител на проектот. (max. 10 поени)

6. Задолжителни документи
За целосно поднесена пријава ќе се смета само онаа која вклучува:

1. Образецот за пријавување (Прилог 1);
2. Образец за предлог – буџет (Прилог 2);
3. Временска рамка (Прилог 3);
4. Индикатори за мерење на напредокот на проектот (Прилог 4);
5. Дополнителни задолжителни прилози:
5.1. Тековна состојба од Централен регистар, не постара од една година;
5.2. Работни биографии на проектниот тим;
5.3 Годишен извештај за работа и финансиски извештај, за претходната година. Доколку организацијата согласно член 18 од Закон за сметководството на непрофитните организации не е должна да изработи финансиски извештај, истата  е потребно е да достави само известување. Во случај доколку не е помината една година од денот на регистрација, организацијата не е должна да достави годишен извештај за работа.
5.4. УСБ со електронската верзија на сите документи.

Во прилог Ви доставуваме и Упатство за буџетирање.

Образецот за пријавување (Прилог 1) треба да биде целосно пополнет на македонски јазик. За пополнување на пријавата се користи фонт Calibri, големина 11.

При пополнување на Образецот за предлог буџет (Прилог 2) потребно е да се води сметка за правилата дадени во Упатството за буџетирање.

7. Поднесување на пријавите

Комплетните пријави мора да бидат поднесени во оригинал на македонски јазик со овластен потпис и печат во три примероци. Во прилог на документите, треба да се поднесе и УСБ со електронската верзија на сите документи. Печатената и електронската верзија на документите треба да бидат идентични.

Комплетната пријава мора да се поднесе во три примероци, во едно затворено плико, обележано со наслов Повик за доделување на грантови за спроведување активности кои ќе придонесат кон подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ. 

Пријавите се доставуваат најдоцна до 10.06.2019 год. (понеделник) на следната адреса:

Фондација Отворено општество – Македонија
За Концепт Учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во ЕУ
Бул. „Јане Сандански“ бр. 111, п.фах 378
1000 Скопје

Пријавите може да бидат испратени и пo пошта на адресата дадена погоре. За пријавите испратени по пошта како време на поднесување ќе се смета времето на предавање на пратката во пошта. 
8. Важни информации

Во текот на процесот на оценување, ФООМ може да побара дополнителни информации од подносителот на пријавата за предлог-проектот или за носителот на апликацијата, коишто смета дека се потребни за завршување на оценувањето. Барањето дополнителни информации не подразбира дека истите ќе бидат или нема да бидат поддржани.

До пријавените организации ќе бидат испратени писма за одобрување, односно одбивање на предлог-проектите, до 28.06.2019 (петок). Организациите чии предлог-проекти ќе бидат одобрени ќе добијат Договор за грант во кој се наведени правните обврски на грантистот. Листата на избраните ќе биде објавена и на веб страната fosm.mk како и на социјалните мрежи на ФООМ.

Сите прашања во врска со повикот можат да бидат поставени исклучиво во пишана форма на e-mail:kire.milovski@fosm.mk.

Повикот на албански јазик можете да го преземете тука.
                                    
            

—————————————————

12 јуни 2019