Во рамки на проектот Редовно на часови: акција за вклучување на Ромите во основното образование, Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со своите партнери Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас и Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор објавува конкурс за стипендирање на 315 ученици Роми запишани во прво одделение во учебната 2019/2020 година. Целта на овие стипендии е преку намалување на финансискиот товар на најранливите ромски семејства поврзан со школувањето на нивните деца да се обезбеди поголема вклученост на Ромите во основното образование, редовна посета на наставата и успешен премин во следните одделенија. Конкурсот за стипендирање е финансиран од Европската Унија.
Основни информации за стипендијата
- Стипендијата се однесува на период од една учебна година (10 месеци) и е наменета за покривање на трошоците за школување на децата, храна, облека, училиштен прибор/материјал, спортска и друга опрема за воннаставните активности на децата. Висината на стипендијата изнесува 400 евра годишно, во денарска противвредност. Стипендијата ќе се исплаќа на трансакциска сметка на мајката, таткото или на старателот/старателката.
- Задржувањето на стипендијата во тековната 2019/2020 учебна година, како и обновувањето на стипендијата за следните две учебни години 2020/2021 и 2021/2022 ќе зависи од редовноста на ученикот на наставата, како и од успешниот премин во следното одделение.
Можност за пријавување на конкурсот имаат:
- Ученици Роми запишани во прво одделение во учебната 2019/2020 година;
- Ученици чии семејства се приматели на социјална помош односно приматели на гарантирана минимална помош;
- Ученици кои не се корисници на друга стипендија обезбедена со финансиски средства на Европската Унија.
Повеќе информации за конкурсот и пријавата можете да најдете на линкот подолу.
—————————————————
15 ноември 2019