Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Автор: Џо Грејди (Топос Партнерство)

Катица Јанева. Секој државјанин на Северна Македонија заинтересиран за проблемот со јавната корупција го знае името на специјалната јавна обвинителка која беше обвинета и осудена на затворска казна во јуни 2020 година поради вклученост во шема за поткуп, иако претходно ја извршуваше една од највисоките позиции за истрага и прогон на јавната корупција во земјата.

Злоупотребата на јавната позиција од страна на Јанева ја наруши репутацијата на Северна Македонија и ги разниша шансите на земјата за евентуален влез во Европската Унија, но уште поважно, зададе силен удар на довербата што јавноста можеби ја имаше дека власта може суштински да се реформира и да се „прочисти“, или дека „Шарената револуција“ во која Јанева беше претставена како важна фигура била нешто повеќе од само хипокритична измама.   

Како што обично бива, падот на Јанева се случи за време на проект кој ги истражуваше ставовите и чувствата на граѓаните во Северна Македонија за јавната корупција.

Истражувањето, финансирано од Фондациите Отворено општество и истовремено спроведено во Северна Македонија, Бразил и Соединетите Американски Држави, се фокусираше на тоа што граѓаните во овие земји чувствуваат за корупцијата во јавната сфера, и кои се најдобрите начини за мобилизирање на граѓаните во заложбите за борба против овој проблем. Во секоја од земјите, истражувачите зборуваа со околу 150 граѓани, а некои учесници беа вклучени и во онлајн анкети кои имаа за цел да оценат како тие реагираат на различни видови пораки.

Претпоставката врз која беше дизајнирано истражувањето е дека веројатноста за постигнување позитивна промена е многу поголема доколку јавноста, без оглед на земјата во која се спроведува истражувањето, силно верува дека корупцијата на властите е сериозен проблем и дека нешто мора да се стори за да се спречи таквото коруптивно однесување.

Без изненадување, наодите во сите земји беа посебни на сопствен, но сепак интересен начин. Во Бразил, на пример, граѓаните се сметаа себеси како дел од култура која дава отпор на строги правила и постапки, вклучително и оние кои имаат за цел да ја осигурат „чесноста“ на властите. Американците имаат силно чувство дека во нивната земја наводно постои демократско владеење во интерес на јавноста, но тој идеал е одамна изневерен.

Од своја страна, Македонците често имаа чувство дека нивната земја заостанува зад другите, а посебно зад европските земји кои функционираат на помодерен, транспарентен начин. Исто така, тие носталгично се навраќаат на југословенската ера кога се чинело дека работите се одвиваат помалку демократски, но сепак со поголема предвидливост. Уште поважно, тие живеат во контекст каде „секојдневната корупција“ може да се чини неопходна за навигација низ дисфункционалните јавни системи и каде правењето услуга на оние што се на власт се чини единствениот начин за успех во (клиентелистичкиот) деловен свет каде доминираат политичките партии.

Сепак, постојат и одредени важни паралели во трите земји, и тоа во однос на моменталното размислување на луѓето и во видовите на идеи што тие ги сметаат за најпривлечни.

Во сите три земји, јавноста е генерално безнадежна и фаталистички расположена за тоа дали власта вистински се фокусира на јавното добро, бидејќи тие претендираат власта да ја гледаат како група на моќни елити кои ги водат работите според сопствени интереси. Во суштина, корупцијата се разбира како нормална состојба, и тоа на начини кои немаат никаква врска со законитоста, односно власта се преправа дека не претставува „нас“, но е реално дисконектирана и незаинтересирана за јавноста.

Важни паралели постојат и во однос на комуникациските приоди кои може да бидат корисни.

Најосновните и најважните елементи на комуникациите во сите три земји се специјални успешни приказни од реалниот свет во кои спроведувањето на закон, процес или структура води до позитивни исходи: општински совети кои повеќе се фокусираат на јавното добро, разни институции кои обезбедуваат подобри резултати за јавноста, и слично. Во Северна Македонија, една од ваквите успешни приказни се однесува на креирање апликација за паметни телефони која обезбедува информации во реално време за квалитетот на воздухот за сите да можат да видат колку добро се спроведуваат прописите против загадувањето.

На подлабоко ниво, истражувањето откри дека кога станува збор за комуницирање на корупцијата во власта, важно е да се премине од она што истражувачите го нарекуваат „модел на криминал и казна“, вклучително и фокус на индивидуалните чинители и дела, кон „модел на заштитни огради“ кој се фокусира на конкретни механизми на сите нивоа на власт и кој ефективно ги враќа на вистински пат лидерите и институциите што ѝ служат на јавноста. Овој модел повеќе се однесува на надеж наместо на гнев, на превенција наместо на казна, на практичност наместо на морал, на структури наместо на поединци.

Јанева и луѓето како неа се добро познати на граѓаните во Северна Македонија и фокусирањето на успешни обвинителски случаи претставува големо искушение, дури и кога тие се случуваат, како начин за да се покаже дека може да се постигне напредок. Сепак, истражувањето покажува дека наместо приказни за криминал и казна, како приказната на специјалната јавна обвинителка, комуникаторите може да имаат поголем пробив до јавноста ако се фокусираат на успешни приказни за алатки што може да креираат, зајакнат и заштитат, алатки што може да ја направат корупцијата потешка, а посветеноста на власт на јавниот интерес поверојатна.

За повеќе информации, види: Текст на Марија Мирчевска од ФООМ: Потрагата на ФОО/ФООМ по приод за антикорупциска комуникација што се темели на рефлексија и учење (линк); наоди од истражувањето во  Северна Македонија, САД и Бразил (линк); и подетални наоди за Северна Македонија (линк).

—————————————————

6 декември 2021