Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Меѓу 1933 и 1945 година, Ромите и Синтите во Европа биле мета на прогон од страна на нацистите. Надоврзувајќи се на долготрајните предрасуди, нацистичкиот режим сметал дека Ромите се „асоцијални“ (надвор од „нормалното“ општество) и расно „инфериорни“. За време на Втората светска војна, нацистите и нивните соработници убиле стотици илјади Роми – мажи, жени и деца – во деловите од Европа кои биле под германска окупација.

Масовните убиства на Роми го достигнале врвот во периодот од 31 јули до 2 август 1944 година кога Германците ја почнале ликвидацијата на т.н. Zigeunerlager („цигански камп“) во Аушвиц – Биркенау. Само оваа операција резултирала во убиство на речиси 3.000 Роми.

Колкумина Роми биле убиени за време на геноцидот?

Не постојат целосно веродостојни податоци за точната бројка на ромското население пред геноцидот, па затоа проценката на бројот и процентот на лица кои изумреле е навистина тешка. Академските проценки се движат во опсегот од 300.000 до 500.000 лица.

Кој се сеќава на геноцидот врз Ромите денес?

Понекогаш познат и како “заборавениот холокауст“, геноцидот врз Ромите со децении по завршувањето бил исклучуван од пишаната историја за Втората светска војна. На Нирнбершките судења немало сведоци Роми. Во 1950 година, германските судии кои одлучувале по судски барања за реституција добиле насоки од Министерството за внатрешни работи на Вуртенбург дека „за време на националниот социјалистички режим, циганите не биле прогонувани од расни причини, туку поради нивните асоцијални и криминални досиеја“.

Од 70-те години до денес, активисти и истражувачи кои се дел од поширокото движење за правата на Ромите се залагаат за признавање на овој геноцид. Во 1982 година, германските власти официјално ги признаваат кривичните дела против Ромите во текот на Втората светска војна. Триесет години подоцна, канцеларката Ангела Меркел го отвора спомен обележјето посветено на геноцидот врз Ромите во Берлин.

Во последните години, Унгарија, Полска, Словачка и Украина го чествуваат 2 август како Ден на сеќавањето за геноцидот врз Ромите и Синтите. На 8 април 2015 година, Европскиот парламент усвои слична резолуција во која се бара 2 август да биде прогласен за Европски ден на сеќавањето за холокаустот врз Ромите, со цел чествување на жртвите од геноцидот врз Ромите од Втората светска војна.

Ром, преживеан од Холокаустот, на комеморацијата одржана во поранешниот концентрационен логор во Oranienburg, Германија, 15 декември 2006 © Sean Gallup/Getty

Зошто е важно сеќавањето за геноцидот врз Ромите?

Непризнавањето на криминалот кој се случил тогаш, се одразува врз долгорочната дискриминација на ромското население во Европа. Соодветното признавање на третманот на Ромите во минатото е од суштинско значење не само за да се обезбеди правда и достоинство на оние кои умреле, туку и за соочување со анти-ромскиот говор и однесување.

Анти-ромскиот дискурс што го практикуваат избрани функционери и медиумите продолжува и денес и е многу сличен на дискурсот од 30-те и 40-те години во Европа. Додека анти-семитизмот се смета за јавно неприфатлив во повеќето делови од Европа, истото не е случај и со анти-ромскиот дискурс.

Покрај тоа, сеќавањето вклучува признавање на ромскиот отпор за време на геноцидот, посебно на 16 мај 1994 година, кога Ромите почнале еден од неколкуте бунтови во Аушвиц. Борејќи се со камења и алат, и покрај малите изгледи, тие се забарикадирале во бараките и успеале да го одложат неминовното истребување за неколку месеци.

Што може да се направи за да се подобри препознавањето и признавањето на геноцидот врз Ромите?

Свеста за геноцидот врз Ромите е зголемена во последните години, но многу работи допрва треба да се направат. На пример, во Лети, Чешка, една фарма за свињи е лоцирана на местото на кое постоел ромски камп за принудна работа, каде илјадници Роми биле убиени или депортирани во Аушвиц. Голем број места ширум Европа каде се убивале Роми, сè уште не се признаени и не се чествуваат.

Учебниците по историја, особено во земјите засегнати од геноцидот, треба да вклучуваат информации врзани со геноцидот врз Ромите. Дури и Обединетите нации можат да сторат многу повеќе, бидејќи само мал број луѓе имале можност да зборуваат за геноцидот врз Ромите во рамките на ОН. На последната официјална комеморација за холокаустот, ОН не поканиле ниту еден Ром да се обрати на настанот.

 

Извор: Фондација Отворено општество https://www.opensocietyfoundations.org/explainers/what-roma-genocide

—————————————————

8 август 2019