Процесот на пристапување кон ЕУ сам по себе побарува добро познавање на комплексната институционална структура на ЕУ од една страна, но и законодавството во земјата. Затоа е особено важно институциите но и граѓанското општество да бидат на ниво на задачата кога Република Северна Македонија ќе ги отпочне преговорите со Европската Унија. Начелно, иако пристапувањето кон ЕУ, е процес кој е карактеристичен и поинаков за секоја земја кандидат, сепак, регионалните искуства можат да дадат увид и примери кои потенцијално може да имаат практична примена во преговорите. Од тој аспект, регионалните искуства заслужуваат детална анализа за да се извлечат заклучоци кои понатаму би биле од помош на земјата при преговарањето со ЕУ.
Вклучувањето на граѓанското општество во процесот на преговори во раните фази е од особено значење, со оглед на фактот дека ГО секогаш го имаат на ум интересот на граѓаните и доколку се вклучени, ќе се погрижат процесот да биде можност за вистинска општествена реформа, а не пракса на одбележување на исполнети обврски.
Со цел да ги зголемиме капацитетот и знаењата на граѓанските организации и јавната администрација за процесот на преговори и пристапување во Европската Унија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, во партнерство со Институтот за европски политики (ИЕП) од Берлин и Евротинк – Центар за европски стратегии од Скопје ја организира втората обука за претставници од граѓанското општество и институциите. Конкретно, на оваа обука учествуваат претставници на граѓанските организации кои ги следат областите од Поглавје 23 (Судство и фундаментални права) како и претставници на јавната администрација кои работат во секторите/одделенијата поврзани со ЕУ. Обуката е од 8 – 10 јули, во Охрид и е посветена на преговарачката рамка со ЕУ и споделување на регионалното искуство на земјите од регионот кои веќе ги имаат отпочнато преговорите за членство.
Предавачи се Владимир Меџак, потпретседател на Европското движење во Србија и поранешен заменик-директор во канцеларијата на Србија за Европски интеграции, Јована Маровиќ – претставник на Мрежата Политикон во работната група на Црна Гора за Поглавје 23, како и Срџан Мајсторовиќ – претседател на Европскиот центар за политики (CEP) од Белград и поранешен заменик директор на Канцеларијата за Eвропски интеграции на Република Србија со улога на координатор на преговарачкиот процес.
Во наредниот период, ќе бидат одржани тематски обуки посветени и на областите правосудство, борба против корупцијата како и спречување и заштита од дискриминација, кои се клучни области од Поглавјето 23 во преговорите со Унијата.