Традиционалниот настан Speech4Teachers организиран од Фондацијата Отворено општество-Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ годинава е посветен на одбележувањето на Меѓународниот ден на учителот.
Преку обраќањата на неколку образовни експерти, практичари и креатори на образовни политики, ќе проговориме за улогата на учителите во образованието и развојот на децата.
На настанот ќе се обратат:
- Мила Царовска – Министерка за образование и наука;
- Фани Каранфилова-Пановска – Извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија;
- Сузана Киранџиска – Извршна директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“;
- Зоран Велковски – Универзитетски професор;
- Алвин Салимовски – Директор на основно училиште;
- Биљана Спасовска – Одделенски наставник;
- Елизабета Секирарска – Професор во средно училиште и
- Давид Фрост – Професор на Волфсон колеџ на Универзитетот Кембриџ.
Настанот ќе се одржи во среда на 7 октомври 2020г., со почеток во 13 часот, во надворешната сала на Хотелот Александар Палас во Скопје и истиот е дел од проектот „Образование на помалите етнички заедници“ чијшто носител е Фондацијата Отворено општество – Македонија.
ЗА ПРОЕКТОТ
Фондацијата Отворено Општество – Македонија (ФООМ) го спроведува проектот „Образование на помалите етнички заедници“ во партнерство со Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор”- Македонија и Управата за развој на образованието на јазиците на малите етнички заедници и Бирото за развој на образованието.
Проектот поаѓа од заложбите за активно граѓанство и социјална кохезија како предуслови за градење демократско општество и се потпира на убедувањето дека инвестирањето во квалитетно образование за сите е најефикасен начин да се стигне до таму. Образованието претставува клучен промотор на социјалната кохезија, а училиштата како природни средини во која етничките, културните и јазичните различности се разбираат, промовираат и вреднуваат како предност, места каде сите ученици треба да се чувствуваат добредојдени и да имаат можност да ги постигнат своите целосни потенцијали за учество, учење и напредување.