Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија во вторник (11.12.2018), во ГЕМ клубот во Старата чаршија, со почеток во 11 часот ќе ги презентира наодите од истражувањето „Колку и на што троши еден македонски студент?“. Истражувањето претставува мапирање на трошоците на студентите кои студираат на државните универзитети во Македонија. Истото е спроведено во периодот февруари – март 2018 година и опфати 945 студенти од пет државни универзитети.

На настанот ќе говорат Сузана Пецаковска од Фондацијата Отворено општество – Македонија, Виктор Стојкоски од Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ), Мартина Илиевска и Александра Филипова од Младинскиот образовен форум (МОФ) и проф. д-р Борче Треновски. Тие ќе ги презентираат наодите, заклучоците и препораките од истражувањето кое е сериозен обид да се дојде до првични сознанија за тоа колку и на што троши македонскиот студент и во јавноста да се покрене прашањето: Како живее еден македонски студент?

Ова истражување е спроведено од тим на Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ) и Младинскиот образовен форум (МОФ) со поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ). Целта на истражувањето е да се добие претстава за видот и за висината на трошоците на студентите кои студираат на државните универзитети во Република Македонија и врз основа на анализата на податоците и изведените заклучоци да се дадат препораки за подобрување на студентскиот стандард.

Истражувањето е дел од заложбите на ФООМ за зајакнување на улогата и влијанието на граѓанското општество како сериозен фактор во креирањето и спроведувањето квалитетни, инклузивни и отчетни образовни политики и практики, особено оние кои ги афектираат младите и студентите.