Независниот академски синдикат (НАкС) ќе одржи прес-конференција во Културниот центар „Кино култура“ (ул. Луј Пастер, бр. 3, Скопје), на 22.11.2019 год. (петок) во 11.00 часот.
На прес-конференцијата ќе бидат презентирани резултатите од истражувањата поврзани со постапката и критериумите за распределба на средствата на јавните универзитети и научни установи, законските основи за уредување на платите на вработените, како и анализа на платите на вработените во одделот високо образование и наука, од кои јасно се гледаат последиците од долгогодишната несоодветна политика на финансирање во овие сектори.
Истражувањето е реализирано во рамките на проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката во РСМ“. Проектот е поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.
На прес-конференцијата резултатите на истражувањето ќе ги презентираат проф. д-р Мирјана Најчевска, проф. д-р Мимоза Ристова и проф. м-р Маја Стевановиќ. Прес-конференцијата ќе ја води проф. Маја Стевановиќ, претседателка на НАкС.