Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Џорџ Сорос, претседавач и основач на Фондациите Отворено општество, ја стекнува својата глобална репутација како филантроп за време на драматичната трансформација на Источна и Средна Европа што следуваше по падот на Берлинскиот ѕид во ноември 1989 година.

Сорос има уникатна улога во тие времиња, користејќи го своето богатство за намалување на последиците од економските проблеми што настана по колапсот на стариот комунистички систем, но и за поставување на темелите за инклузивна верзија на демократијата којашто и денес опстојува во целиот регион.

„Трансформацијата на затворено општество во отворено е систематска трансформација. Практично сè треба да се смени, а за тоа не постои шематски приказ. Она што Фондациите го направија е промена на начинот на кој се случува трансформацијата. Тие ја мобилизираа енергијата на луѓето во засегнатите земји.“ – Џорџ Сорос, 1995 год.

Проширување на една идеја

1980

Додека Источна и Средна Европа се под силна контрола од Советскиот Сојуз, Сорос прво почнува со доделување стипендии на неколкумина дисиденти кои се осмелиле да го предизвикаат системот, со што им овозможува да заминат на студии во Соединетите Американски Држави. Тој, исто така, почнува да финансира дисидентски групи како Повелба 77 во Чехословачка, синдикатот Солидарност во Полска, и семејството Сахарови и нивните сојузници во Советскиот Сојуз.

1984

На почетокот на 1980-те години, кога Унгарија е во економска неволја, комунистичката влада му дозволува на Сорос да воспостави фондација која би нудела отворени стипендии и би финансирала културни настани и академски размени. Новата фондација почнува да троши околу 3 милиони долари годишно, настојувајќи – кога тоа е можно – да поддржува групи и поединци кои ги тестираат границите на политичката и културната толерантност.

1986

Михаил Горбачов, водачот на Советскиот Сојуз, лансира нови политики за отворање и преструктуирање кои имаат за цел да го ревитализираат еднопартискиот систем кој е веќе на изумирање. Истата година, на Сорос му е дозволено да отвори приватна фондација во Полска, а веќе следната 1987 година, со олеснувањето на ограничувањата, да отвори канцеларија и во Москва.

1989

Падот на Берлинскиот ѕид во ноември претставува кулминација на постепениот колапс на комунистичката контрола којшто почна со отстранувањето на електричната ограда долга 149 милји поставена на границата меѓу Унгарија и Австрија. Слободното патување значи крај на планските економии и политиката на Источниот блок.

Сега, Сорос е во можност да отвори повеќе од 20 национални фондации во целиот регион во она што тој го нарекува „експлозивен период на раст“, финансиски поддржан од огромниот успех на неговиот инвестициски фонд, со што го создава јадрото на она што денес претставуваат Фондациите Отворено општество.

По 1989 година, фондациите на Сорос во Источна и Средна Европа се соочуваат со многу поразлични предизвици. Сепак, тие споделуваат заедничка визија за потребата од нов, инклузивен однос меѓу поединецот и оние на власт, кој се одржува преку моќта на независните групи на граѓанското општество. И покрај современите предизвици, денес граѓанските организации – многу од кои беа основани уште во 1990-те години – продолжуваат да се залагаат за прогресивна промена во целиот регион. Фондациите Отворено општество се горди што имаат можност да ја продолжат поддршка за нив.

Отворено општество

Во 1980-те и 1990-те години, Џорџ Сорос доделил милиони долари во Источна и Средна Европа како поддршка за појавата на „отворено општество“ – идеја што се темели на филозофијата на Карл Попер, австриско-британски мислител кого Сорос го изучувал како млад човек на Лондонската школа за економија. Според Сорос, отворените општества се карактеризираат со „институции и правила кои им дозволуваат на луѓето со различни мислења и интереси да живеат заедно во мир“. Спротивно на тоа, затворените општества се обидуваат да ги контролираат информациите, а на отворените дебати гледаат како на егзистенцијална закана.

Џорџ Сорос на конференција за печатот во врска со помошта за Босна, Лондон, 12 декември 1992 година.
Џорџ Сорос на конференција за печатот во врска со помошта за Босна, Лондон, 12 декември 1992 година.

Сорос има лично искуство со најлошото од едно „затворено општество“. Тој имал само 13 години кога нацистите ја окупирале Унгарија во март 1944 година. Тогаш, за само два месеци околу 500.000 унгарски Евреи се депортирани во кампови на смртта: Сорос и неговото семејство преживеале бидејќи успеале да се скријат. Подоцна, кога Унгарија потпаѓа под комунистичка власт, Сорос заминува за Лондон и студира на Лондонската школа за економија, пред да се пресели во Соединетите Американски Држави. Во 1979 година, кога ја лансира неговата прва филантропска организација, тој ја нарекува Фонд Отворено општество – предводникот на денешните Фондации Отворено општество.

Образование

Фондациите доделуваат стотици стипендии и гранови за студиски посети на економисти, банкари, лекари, наставници, и активисти од локалната власт, кои претходно биле речиси целосно исклучени од развојните настани на Западот. Меѓу 1993 и 1994 година, во поранешниот Советски Сојуз, Сорос доделува 200 милиони долари како поддршка за околу 30.000 научници на кои претходно им биле скратени официјалните средства за истражувања. Фондациите од целата мрежа финансираат продукција на нови учебници, кои имаат нов фокус на критичкото мислење.

Во Албанија, локалната фондација инвестира повеќе од 57 милиони долари за финансирање реконструкција на 275 училишта и градинки ширум земјата, додека новата наставна програма која се фокусира на детето „Чекор по чекор“ го модернизира предучилишното образование во целиот регион.

Џорџ Сорос во посета на Програмата „Чекор по чекор“ во Киев, Украина, 1993 год.
Џорџ Сорос во посета на Програмата „Чекор по чекор“ во Киев, Украина, 1993 год.

Во 1992 година, Сорос го основа Централноевропскиот универзитет, кој иницијално е формиран во Прага, потоа во Будимпешта, а денес има седиште во Виена, и кој нуди постдипломски студии по општествени науки. Во времето кога традиционалните универзитети во регионот сè уште се ослободувале од контролата и догмата на Комунистичката партија, Централноевропскиот универзитет на младите луѓе во регионот им нуди нова, меѓународна и плуралистичка перспектива. На Централноевропскиот универзитет дипломирале повеќе од 14.000 студенти, вклучително и Гиорги Маргвелашвили (претседател на Грузија од 2013 до 2018 година), двајца поранешни министри за правда (Хрватска и Романија) и еден унгарски парламентарец.

Независни медиуми и култура

Во 1985 година, унгарската фондација на Сорос го основа новиот Центар за современи уметности во Будимпешта кој работи на поттикнување „толерантен“ уметнички израз. До 1994 година формирани се повеќе од десетина Центри за современи уметности од Литванија до Москва и тие обезбедуваат простор за перформанси и изложби на локалните уметници и посетители, како и други ресурси. Многу од нив денес функционираат како независни субјекти, на пример Фондацијата и центарот за уметности во Прага.

За време на комунизмот, државата ефективно ги контролирала сите аспекти во областа на медиумите, од радио станици до издавање книги. Фондациите почнуваат да даваат поддршка на новите независни медиуми преку грантови за набавка на студија и опрема за пренос на програмата, печатарски машини и дури печатарска хартија, и нови центри за обука и можности за новинарите. Во Молдавија и Романија, кога владите ја зголемуваат цената на печатарската хартија пред изборите, локалните фондации обезбедуваат хартија за печатарските машини да продолжат да работат.

Во Естонија, Романија, Русија и на други места, фондациите на Сорос финансираат превод на врвни литературни и филозофски дела на локалните јазици, и им помагаат на училиштата, универзитетите и библиотеките да набават компјутерска опрема и постават пристап до интернет, кој беше во својот зародиш.

Џорџ Сорос (десно) присуствува на отворањето на Ц3, Центарот за култура и комуникации, во Будимпешта, Унгарија, 1996 год.
Џорџ Сорос (десно) присуствува на отворањето на Ц3, Центарот за култура и комуникации, во Будимпешта, Унгарија, 1996 год.

„Од една страна, слободата е како воздухот: луѓето се борат за него само кога го немаат. Кога постои, тие го игнорираат. Но, од друга страна, слободата е многу поразлична; ако не се грижите за неа, и ако не ја заштитите, таа има тенденција да исчезне.“ – Џорџ Сорос, 1994 год.

—————————————————

9 ноември 2019