Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Еден од проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Штип е исчезнувањето на пешачките премини, односно нивното брзо бришење и непрегледност, што го прави градот небезбеден за движење.

За да го привлече вниманието на овој тековен проблем, Штип арт активистите поставија  картонски панели на раскрсници во Штип со дизајн на зебра која краде боја од пешачките премини, претставувајќи го на тој начин брзото исчезнување на пешачките премини во градот.

Претходно направеното онлајн истражување во кое граѓаните на Штип ги издвојуваа најголемите проблеми со кои се соочуваат во секојдневното живеење покажа дека голем проблем за граѓаните во Штип претставува со исчезнувањето на зебрите односно пешачките премини и патната сигнализација.

Иако во градот сѐ почесто се обновува сообраќајната сигнализација, сепак истата по извесен период исчезнува, односно се брише и возачите и пешаците на Општина Штип се оставени да возат и пешачат по сообраќајници со делумна или без патна сигнализација. Во поголемите општини и другите европски држави пак, патната инфраструктура е обележана со акрилна ладна пластика во дебелина до 7 мм и дозволува премин на четири милиони возила без да се оштети. Користењето на овој вид материјал за патна сигнализација долгорочно ќе заштеди од буџетот на граѓаните на Штип и ќе се прекине месечното пребојување на коловозите со бои за цемент, а граѓаните ќе возат и ќе се движат по трајни, безбедни и обележани сообраќајници.

Акцијата „Зебра-крадец“ е од сатиричен карактер и има за цел  да им укаже на локалните власти и јавните претпријатија за потребата од долгорочно решение за квалитетна патна сигнализација која ќе обезбеди побезбедни сообраќајници за граѓаните, но и заштеда на буџетот на Општина Штип.

Акцијата е спроведена со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

24 јуни 2021