Излезе од печат второто издание на „Македонското прашање од 1944 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“ на Чавдар Маринов, на македонски јазик, книга која претставува критички поглед на историската тема која лежи во основата на бугарско-македонските конфликти во однос на историјата, јазикот и идентитетот на Македонија. „Македонското прашање од 1944 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“ и по 10 години од првото издание на француски јазик, останува една од најцелосните презентации на политиката за „македонското прашање“ на Бугарската комунистичка партија и држава по 1944 година, како и на бугарско-македонските спорови за историјата и за јазикот.
Чавдар Маринов е доктор по историја и цивилизации на Ecole des Hautes Etudes en Sciences Sociales, асистент-истражувач на Институтот за филозофија и социологија при Бугарската академија на науки. Неговата книга е посветена на бугарската политика кон македонското прашање од комунистичкиот период како и на конфликтите кои се однесуваат на националната припадност на долга низа историски личности и настани.
Споровите околу историските личности, настани и историските фантоми меѓу (пост)југословенска Македонија и Бугарија датираат од поодамна, ги има премногу и се експлозивни, а и денес изгледаат не помалку неразрешливи отколку пред триесетина години. Причините за тоа се комплексни и оваа книга се обидува да предложи едно, макар и несовршено, објаснување, акцентирајќи го националистичкиот карактер на бугарскиот комунистички режим и неговото идеолошко наследство.
Бугарско-македонските контроверзии кои се предмет на оваа книга, ја прават истата интересна пред сè за специјалистите за Балканот и за македонското прашање. Но, со својата информативност, фокусирана на националистичката политика на бугарската држава во однос на македонското прашање, книгата е интересна за сите читатели заинтересирани за овој проблем во бугарската надворешна и внатрешна политика, како и во бугарската наука од 1944 година наваму.
Книгата „Македонското прашање од 1944 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“ можете да ја најдете тука
—————————————————
9 ноември 2020