Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 29 март 2022 година се одржа завршната конференција „Унапредување на реформите во правосудството – Како да се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем?“ на проектот „За правда – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството во 2021 година“ кој го спроведува Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството.

Настанот поттикна дебата помеѓу правосудните институции и граѓанските организации за идентификувањето на неопходни мерки за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем во пресрет на отпочнувањето на процесот за изработка на нов стратешки документ за реформи во оваа област.

Учесници беа претставници на правосудните институции, судии, адвокати, јавни обвинители, претставници на граѓанските организации, претставници на проекти кои работат на поддршка на реформите како и претставници од амбасадите кои ги поддржуваат реформските процеси.

На првиот панел се разгледуваа улогата и обврските на посебните правосудни институции и правните професии во реформските процеси во правосудството со нагласок на  учеството на посебните правосудни институции и професионалните организации на правници во планирањето и спроведувањето на реформите, капацитетите на правосудните институции како и на обврските на секоја од институциите, согласно уставните и законските надлежности, зајакнувањето на независноста на судската власт како предуслов за целосно почитување на начелото на владеење на правото.

Во вториот панел, претставници од граѓанските организации дискутираа за потребата од суштински реформи во областите како што се борба против корупцијата, спречување дискриминација, заштита на животната средина и процесуирање на родово базираното наслиство.

На конференцијата се презентираа и клучните наоди и заклучоци од Извештајот во сенка за спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството во 2021 година кој беше изработен од Блупринт групата.

Членки на Блупринт група за реформи во правосудството се Македонско здружение на млади правници, Институт за европска политика, Институт за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Хелсиншки комитет за човекови права, Центар за правни истражувања и анализи и Фондација  Отворено општество – Македонија.

—————————————————

31 март 2022