Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Од 15 до 19 октомври 2019 г. во Сараево, Босна и Херцеговина се одржа Академијата за уметнички акции во организација на Фондациите Oтворено општество, Центарот за уметнички активизам од САД и Центарот за современи уметности од Скопје.

На академијата учествуваа уметници, граѓански активисти и новинари од земјите на Западен Балкан. Учесниците на Академијата имаа исклучителна можност низ серија на предавања и практична работа под менторство на предавачи од САД и Република Северна Македонија да научат и да се запознаат со практиките на уметничкиот активизам како и да реализираат заедничка акција во чиј фокус беше борбата против корупцијата и начинот како јавно да се проговори за неа.

Во рамките на акцијата „НЕ ДАЈ МИТО, НЕ ДАЈ БЕКРИЈО“ која се одржа на 18 октомври на две локации во центарот на Сараево, учесниците создадоа партиципативна просторна инсталација која низ приказната на кафеана на отворено ги повикува и потикнува граѓаните на разговор за корупцијата во нивната земја. Преку сведоштвата на граѓаните запишани како кратка сторија, учесниците се обидоа да ги поттикнат граѓаните да заземат активен став во однос на овој горлив проблем со кој се соочуваме сите во регионот на Западен Балкан.

Академијата за уметнички акции се одржува во рамки на двегодишна иницијатива која се спроведува во Западен Балкан и Западна Африка, а има за цел да пренесе знаење и да ги охрабри уметниците, активистите и новинарите да бидат поефективни во нивните напори да влијаат врз ангажирањето на луѓето во врска со проблемите со корупцијата и да создадат можности за соработка на различни теми и низ различни географски простори.

—————————————————

30 октомври 2019