Патот кој води кон Бањиче на повеќе места е опасен. Ерозии има долж цел коловоз, а оштетени се и потпорните ѕидови.
Граѓаните кои го користат овој предел за рекреација, велат дека свлечиштата започнале да се појавуваат откако властите започнале со реконструкција на патот пред 4 години. Тогаш експертите предупредиле дека реконструкцијата се изведува нестручно, затоа што патот се проширува долж стрмните падини на Шара кои се уништуваат, а се сечат и дрвјата што придонесува за нестабилен терен. Четири години подоцна, состојбата е иста. Граѓаните, пеш или со автомобил и понатаму се движат по небезбедниот пат.
Група уметници, изреволтирани од неажурноста на властите, на патот кон Бањиче поставија „потпора“ затоа што сметаат дека не преостанува ништо друго освен тоа „ние, граѓаните да ја преземеме улогата на потпора и држејќи го ѕидот да се обидеме да спречиме поголема катастрофа!”.
Фондацијата Отворено општество – Македонија активно ги поддржува граѓаните во нивните напори да направат промени кон подобро. Оваа герила акција на активистите од Тетово е дел од активностите со кои тие на креативен начин пробуваат да ги подобрат условите за живот во градот и околината и да прават притисок врз властите за решавање на повеќе проблем. Креативниот активизам, како форма на граѓански активизам, јасно ги визуелизира проблемите, а понекогаш успева и да придонесе во нивното решавање. Уметноста кога е ставена во функција може да направи вистински промени. Свесни за овој потенцијал на уметноста, ние во ФООМ континуирано поддржуваме голем број активности, особено активности со еколошка тематика како што е оваа герила акција на Тетовчани.
—————————————————
27 септември 2019