Креативниот активизам, како форма на граѓански активизам, јасно ги визуелизира проблемите, а многу често и успева да придонесе во нивното решавање. Уметноста кога е ставена во функција може да направи вистински промени. Свесни за овој потенцијал на уметноста, Фондацијата Отворено општество – Македонија континуирано поддржува креативни акции преку кои локалните заедници делуваат активно во своите заедници, детектираат локални проблеми и алармираат за нив соодветно. Преку креативните акции се отвораат важни локални прашања но и се отвора можност за можност директно влијание на работата на локалната власт.
Еден од многуте примери е креативната акција на „Тивка револуција“ во Тетово. Изреволтирани од фактот дека истите ветувања на политичарите се повторуваат на секои четири години, а во реалноста ништо не се менува, „Тивка револуција“ организираа осветлување на студентската населба во Тетово.
Станува збор за населба која е, главно, населена со студенти а во која студентите живеат како во среден век, во населба со руинирана инфраструктура, фрлени отпадоци насекаде, генерално лоши услови и темнина.
Активистите од Тетово, поставија јавно осветлување, правејќи ја улицата проодна и безбедна за студентите.
Со оваа акција, „Тивка револуција“ укажаа и го многу брзо го направија проблемот со студентската населба видлив за пошироката јавност, на што многу брзо реагираше општината Тетово. Во моментов се одвиваат градежни работи во студентската населба, прекривајќи со бекатон плочки површина од околу 2700 м2, а во тек е и регулирањето на вкупно 8 улички во населбата на површина од близу 3000м2. Воедно се работи на регулирање на јавното осветлување, засадување на садници од дрвја и поставување на корпи за отпадоци. Студентите сега ќе имаат достојни услови и безбедно место за живеење.
Фондацијата Отворено општество – Македонија останува посветена на поддршката на граѓаните во нивните напори да направат промени кон подобро, како и на развој и поддршка на креативниот активизам како форма на граѓански активизам кој придонесува кон побрзо и поефикасно решавање на проблемите кои директно ги засегаат граѓаните.
—————————————————
8 март 2021