Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во Северна Македонија недостасуваат истражувања кои ќе обезбедат подетални информации кои ќе послужат подобро да се објасни на поврзаноста помеѓу социјалната правда, корупцијата и недостатоците во владеење на правото во повеќе аспекти од општественото живеење. Дискриминацијата во високообразовните установи пак, кај нас е феномен за кој исто така има значителен недостаток на информации, во смисла на негова присутност, што доведува до „втемелување“ на дискриминацијата. На тој начин се зголемува јазот на нееднаквост помеѓу студентите врз основа на нивната боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, социјално потекло, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, или која било друга основа.

Проектот „Студентска перцепција за дискриминација“ имплементиран од Младинскиот образовен форум (МОФ), поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија преку концептот Учество на граѓанското општество за социјална правда ќе се обиде да го актуелизира прашањето на дискриминацијата во високото образование, како и да придонесе во намалување преку повеќето проектни активности.

Во рамки на проектот, МОФ во соработка со Мрежата на граѓански организации за спречување и заштита од дискриминација, преку креирање на истражување за перцепција на дискриминација од страна на студентите на универзитетите во Скопје, Штип, Битола и Тетово, како и преку спроведување на кампања за актуелизирање на феноменот на дискриминација присутен во високото образование, ќе се обиде да го истакне и направи повидлив проблемот со дискриминацијата во високото образование.

Воедно, преку креирање на едукативен модул за борба против дискриминацијата и подигнување на нивото на студентските права наменет за студентските правобранители на факултетите и универзитетите, и преку креирање или промена на политиките за унапредување на еднаквоста и намалување на дискриминацијата на факултетите и универзитетите, проектот ќе се обиде и да ја намали присутната дискриминацијата во високото образование.

За тековните активности на проектот, следете ги Младинскиот образовен форум на нивната веб страница или Facebook профил.

—————————————————

23 март 2021