Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Социјалните претпријатија се важни за градењето отворено, демократско општество – преку својата работа тие даваат пример за тоа како може поинаку да се размислува и да се пристапи кон решавање на сериозни прашања, правејќи притоа крупни општествени промени. Користејќи разни бизнис алатки и техники, социјалните претпријатија развиваат иновативни идеи и решенија за постоечки проблеми, подигаат свесност за истите но и ги мотивираат граѓаните и заедниците да бидат свесни и активни. Социјалните претпријатија се ефикасни и ефективни во креирањето долготрајни позитивни општествени промени.

Имајќи го предвид огромниот потенцијал, Фондацијата Отворено општество – Македонија, континуирано се залага за развој на социјалното претприемништво. Во таа насока, ФООМ во соработка со Фондациите Отворено општество и Фондацијата ЦЕЕД, од 14 до 18 октомври 2019 година во Охрид одржа обука за социјално претприемништво чија цел беше зајакнување на поединечните капацитети на учесниците, но и на организациите за основање и развој на социјално претпријатие. Преку трансфер на знаења и вештини за развој на одржлив бизнис модел за социјално претпријатие, 10-те здруженија кои работат на обезбедување на бесплатна правна и параправна помош, се стекнаа со знаења кои ќе им помогнат да ја подобрат самоодржливоста и одржливоста на активностите кои досега ги спроведувале со помош на донаторски средства.

Покрај спроведената обука, овој проект вклучува и менторство преку редовни средби со искусни бизнис консултанти, поврзување и вмрежување преку настани за peer learning како и отворање можности за пристап до дополнителни извори на финансирање, помагајќи им на здруженијата да оформат одржлив модел за работа.