Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 31 мај 2022 година, се одржа конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“ во организација на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис а во рамки на проектот за борба против штетните влијанија на дезинформациите, поддржан од ДТ Институтот од Вашингтон, спроведуван заедно со Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Конференцијата беше посветена на градењето мулти-секторски пристап за решавање на проблемот со ширењето и справувањето со дезинформациите преку заеднички ангажман на државните институции, независните медиуми, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор. Настанот обезбеди платформа за дискусија на чинителите кои работат на развој на демократијата преку борба против дезинформациите и унапредување на слободата на изразување, овозможувајќи нивно вмрежување и споделување искуства. Беа презентирани и дискутирани резултатите од тековни истражувања за состојбите со цел подобро разбирање на контекстот, а исто така беа дискутирани и препораките за наредни чекори на различните општествени чинители со цел заедничко спротивставување на штетните влијанија насочени против развојот на демократијата и интегративните процеси.

Во рамките на воведната сесија свое обраќање имаше и извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, а во продолжение е нејзиното излагање:

Дезинформациите се ендемичен и сеприсутен дел од политиката во сите држави од Западниот Балкан. Ширењето на дезинформациите станува се поголем ризик по безбедноста на државите и институциите, а со тоа и по безбедноста на граѓаните и нивната благосостојба. Мапирањето на дезинформациите и контрадезинформациите во регионот во последниве три-четири години открива неколку клучни процеси или феномени кои беа предизвик односно поттик за ширење на дезинформациите, и тоа:

Како што посочуваат различните извештаи на реномирани меѓународни институции на оваа тема – во сите наведени инстанци иако нагласено се појавуваат странски актери – главно Русија, но и Кина, Турција и други земји од регионот – најголемиот дел од дезинформациите во Западен Балкан се произведени и дистрибуирани од домашни актери и за домашни цели. Дури и тогаш кога се вклучени надворешни актери, нивните напори имаат тенденција да се надоградуваат, засилуваат и, во некои случаи, манипулираат со активностите што ги спроведуваат домашните играчи, вклучувајќи ги социјалните и религиозните групи, медиумите, политичките партии и бизнис интересите.

Очигледно е дека дезинформациите (и пошироко нарушувањето на информациите) е повеќе симптом на општествени и политички нарушувања, отколку причина.

Дел од нарушувањето со информациите е секако предизвикано од технолошкиот развој, бидејќи современото општество забележува тектонски промени во начинот на кој комуницираме.

Меѓутоа, дезинформациите највирулентно напредуваат во средини кои веќе се разнишани од внатрешни конфликти и каде што општествената и јавната доверба се борат да ги премостат политичките, регионалните, етничките, верските или другите поделби.

Тоа што сите направени анализи го говорат, а што нема да се промени на некој барем среден рок, ако не и долгорочно, е дека:

(1) Геостратешката политика на Русија – и, во многу помала мера, онаа на Кина – ќе продолжи да биде фокусирана на Западен Балкан како критична точка за блокирање на проширувањето на ЕУ и на НАТО. Дезинформациите беа и најверојатно ќе останат клучна алатка во овие напори;

(2) Трансатлантскиот јаз што го отвори администрацијата на Трамп создаде можности, кои сè уште не се надминати, за Москва, Пекинг и Анкара, како и домашните актери да користат дезинформации за да го поткопаат европското и евро-атлантското влијание;

(3) Пандемијата со КОВИД-19 и нејзините последици дополнително ја поткопаа довербата на јавноста во владите, како и нивните реални перформанси. Ова, пак, ги зголемува базичните причини за дезинформациите, а тоа се рушењето на владеењето и социјалната кохезија; и

(4) Изгледите за непроширување на ЕУ го намалува притисокот врз владите во регионот да го подобрат квалитетот на владеењето и да се придржуваат до демократската практика и отстранува моќен лост за граѓанското општеството да бара политичка одговорност. Освен што уште еднаш ги зајакнува факторите кои предизвикуваат дезинформации, ова создава дополнителни можности за гео-политичките конкуренти во Европа.

И во тој контекст што е она што треба и што можеме да го направиме? Сите актери имаат подеднакво важна и одговорна улога во борбата за справување со штетните влијанија на дезинформациите, пред сè институциите на системот, медиумите и новинарите, политичките партии и граѓанското општество. Институциите треба да обезбедат соодветна законска рамка, институционална инфраструктура и механизми кои ќе гарантираат превенција и санкционирање на ширењето дезинформации. Притоа демократијата, слободите и доброто управување не смеат да бидат загрозени. Медиумите и новинарите имаат обврска и одговорност да спроведуваат уредувачки политики и начин на известување кој ќе гарантира дека информациите кои одат во етерот се точни и проверени и базирани на анализи и докази. Политичките партии имаат обврска кон сите граѓани но пред сè кон своите гласачи и поддржувачи во битките со своите политички противници да не ја извитоперуваат вистината, иако таа не секогаш оди во нивна полза, затоа што сите политички партии по дефиниција треба да му служат на јавниот интерес. Граѓанските организации имаат обврска да работат со граѓаните за да ја зголемат свесноста и разбирањето за штетноста на дезинформациите, да помогнат граѓаните во поголем број да станат имуни на дезинформации, т.е. да развијат вештини со кои ќе ги препознаваат и отфрлаат. Граѓанските организации можат и треба да развиваат иновативни методологии и технологии со кои ќе ги детектираат дезинформациите и ќе ги следат патиштата и позадината за нивен пробив во јавниот простор.“

—————————————————

31 мај 2022