Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

„Зелена лупа“ е граѓанска асоцијација која се залага за владеење на правото, интегритет и функционалност на институциите, како и борбата против корупцијата. Во последните години, здружението преку проекти и активности, се насочи кон подобрување на состојбите во судството, помош на неправедно осудените лица, остварување на нивните права преку законот за амнестија и ресоцијализација и примена на законот за пробација како европска вредност.

„Ресоцијализација и реинтеграција во општеството преку пробацијата” е проект имплементиран од Зелена лупа, кој има за цел да придонесе во имплементација на Законот за пробација во Република Северна Македонија.

Според искуствата од западните земји, пробацијата, на долг рок дава успешни резултати во однос на сузбивање на криминалитетот, но и реинтегрирање и ресоцијализација на сторителите на кривичните дела во заедницата. Во однос на ефективните казни затвор пробацијата со алтернативните мерки многукратно го намалува трошокот на буџетот на државата, се намалува пренатрупаноста на затворите, а со тоа и се подобруваат условите во затворите што резултира со помал број на тужби против државата во судот за човекови права во Стразбург. Воедно, пробацијата како европска вредност, нè доближува до исполнување на препораките за влез во ЕУ како и исполнување на препораките од Поглавјето 23.

Според податоците на Советот на Европа, Република Северна Македонија, е трета земја по пренатрупаност на затворите со 123 затвореници на 100 слободни места.  Во нашата земја доминантно се практикува казната затвор, наспроти пробацијата и алтернативните казни со цел ресоцијализација на осудениците преку општокорисна работа. Затворот како неизбежен облик на казнување во себе содржи и низа негативни последици кои се однесуваат на социјалната интеграција, но и на високиот степен на рецидивизам. На  индивидуален план доаѓа до дехуманизација, социјална деградација, криминална инфекција и други појави што негативно влијаат врз рехабилитацијата. Негативните последици особено се видливи кај краткотрајните казни затвор.

Казнените политики на развиените земји се насочени кон алтернативните санкции, преку промоција на пробацијата и другите форми на едукација и надзор, притоа воведувајќи ја информатичката технологија како средство за надгледување. Развојот и примената на санкции во рамките на заедницата кои што се менаџирани од страна на посебна специјализирана служба за пробација се надалеку најмногу раширени и најважни во многу национални правни системи.

Основна цел на Законот за пробација е намалување на бројот на затворениците во затворите со помош на правни механизми, односно преку употребата на алтернативните мерки, а не со употреба на политички механизми, имајќи во предвид дека дел од затворите во нашата држава се соочуваат со „пренатрупаност“. Анализите од анкетите забележуваат и на недоволната нормативна рамка за примена на алтернативните мерки. Воедно, со оглед на тоа што пробациската служба е новина во кривично правниот систем во Република Северна Македонија, степенот на информираност за целите, улогата и надлежностите на пробациската служба е многу низок.

„Ресоцијализација и реинтеграција во општеството преку пробацијата” преку предвидените активности, како истражување, анализа промотивни мтеријали итн., ќе се обиде да овозможи услови за унапредување на состојбата со спроведување на законот за пробација и да ја подигне јавната свесност за оваа важна тема. Конкретно, наодите, заклучоците но и препораките врзани со анализа на степенот на инфомираност за пробацијата на осудените лица во затворите и утврдување на специфичните потреби за доедукација за областа пробација , изработена во рамки на проектот можете да ги прочитате ТУКА

„Ресоцијализација и реинтеграција во општеството преку пробацијата” е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

За повеќе информации за работа на „Зелена лупа“ и како и за активностите од проектот, следете ги на нивниот веб-сајт и Фејсбук страница.

—————————————————

8 јуни 2020