Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Регоналното географско друштво ГЕОСФЕРА – Битола е организација која активно се занимава со подобрување на условите за работа и животната средина на сите граѓани во регионот на Битола, но и со подобрување на квалитетот на образовниот процес, особено преку предметот географија.

Главен фокус на организацијата е Битола кој е постојано актуелен како град со проблеми во животната средина, особено со аерозагадувањето. Но, во последните години огромен проблем со кој се соочува градот е отпадот и формирањето на диви депонии. Депониите редовно се палат, како во контејнерите така и на градското ѓубриште, што претставува директна причина аерозагадувањето. Голема улога во загадувањето на воздухот во Битола воедно игра и несвесното горење на кабли за продажба на бакарни жици. Ниската свест за проблемот кај граѓаните се покажува како една од причините за растечкиот проблем со отпадот во Битола.

Проектот „Разбудете ја ЕКО-СВЕСТА во СЕБЕ!“ на автентичен и интерактивен начин пристапува кон решавање на актуелните проблеми со комуналниот отпад низ град Битола. Користејќи современи алатки (како: ГПС мапирање, интерактивни карти во Google Maps, онлајн анкетирање, фотографирање, дигитални карти и сл.) го истакнува проблемот на едно повисоко ниво, со што, ќе се обиде да ја зголеми свеста кај граѓаните, особено кај младите, за негативните последици од отпадоците. Овој проект цели да ја зголеми еко-свеста и кај ромското население во населбата Баир, кои ќе се уверат во штетните последици од постојаното палење на каблите за добивање на бакарни жици, а во исто време, ќе ги согледат и придобивките од користењето на алатите за соголување на жиците со добивање на поголеми финансиски приходи од продадената бакарна жица.

Преку активностите на проектот како спроведувањето на истражувања и мапирања на депониите, локациите за канти за отпадоци и просторите со јавно зеленило, проектот ќе се обиде да ги поттикне институциите на општината проактивно да делуваат кон зачувување на животната средина, со што ќе се зголеми и нивниот придонес во решавањето на овој акутен проблем.

Геосфера Битола во рамки на проектот „Разбудете ја ЕКО-СВЕСТА во СЕБЕ!“ го изработија видеото кое се осврнува на проблемите на Ромите во Горен Баир, врзани со лошите услови за живот покрај депонија и без пристап до вода за пиење, но и на проблемите кои произлегуваат од постоењето на самата депонија.

Видеото можете да го погледнете тука:

За повеќе информации за работа на ГЕОСФЕРА – Битола како и за активностите од проектот, следете ги на нивниот веб сајт.

—————————————————

27 јули 2020