Деновиве во Битола осамнаа паноа со мапа на градот со порака-повик до граѓаните
Да ги одбележат црните точки на градот кои со години не се санираат и всушност претставуваат рани на градот. Оваа акција, организирана и спроведена од активисти од Битола активно ги вклучува граѓаните во детектирањето на микропроблемите кои ги засегаат нивните заедници односно со кои секојдневно се соочуваат.
Таблите со мапа имаат кутии со мали ханзапласти со кои граѓаните ги означуваат раните на градот со што тие ги потенцираат проблемите со кои се соочуваат во нивните маала и заедници. Акцијата е секако реализирана со желба и инсистирање надлежните да реагираат и поактивно да работат на решавање на овие проблеми.
Воедно, во кутиите кои се наоѓаат на таблите со мапа, граѓаните ќе можат да остават свои мислења и за други проблеми кои ги засегаат. Овие запишани реакции на граѓаните ќе бидат искомуницирани со надлежните јавни претпријатија и институции, но може да бидат и инспирација за нови акции во наредниот период.
Оваа герила акција на активистите од Битола е дел од активностите со кои тие на креативен начин пробуваат да ги подобрат условите за живот во градот и околината и да прават притисок врз властите за решавање на проблемите со кои се среќаваат граѓаните. Креативниот активизам, како форма на граѓански активизам, јасно ги визуелизира проблемите, а понекогаш успева и да придонесе во нивното решавање. Уметноста кога е ставена во функција може да направи вистински промени.
Активноста е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
—————————————————
30 јуни 2021