Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија ги следи состојбите кои во вчерашниот ден ескалираа со немири пред Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и изразува сериозна загриженост за ескалацијата на омраза на етничка основа.

Насилството и омразата која беше забележана изминативе денови на протестите, преку повиците за „чиста Македонија“, поттикната од говорите на протестантите, претставува основа за влошување на кревките меѓуетнички односи во државата.

Ние веруваме дека мултиетничката разновидност во државата е нашата сила и можност за просперитет и затоа очекуваме од организаторите на протестите и нивните поддржувачи да покажат на дело дека ги прифаќаат вредностите за признавање на различностите и  мултикултурализмот, и заради кои различните култури, јазици и обичаи нè прават побогати и подобри.

Сметаме дека мирните протести се основа на демократијата. Очекуваме од институциите итно да ги преземат потребните мерки и активности за спречување на понатамошна ескалација на насилството и санкционирање на иницијаторите, поддржувачите и извршителите на вчерашните настани. Сочувствуваме со повредените полицајци и им посакуваме брзо закрепнување.

Ги повикуваме политичките партии и политичарите кои ги поддржуваат протестите на кои беше демонстрирано насилство врз полицијата и говор на омраза, да се издигнат над своите партиско-политички интереси за краткорочни политички цели и да запрат со националистичката пропаганда која единствено резултира со нарушување на јавниот ред и мир и загрозување на безбедноста на државата.

—————————————————

6 јули 2022