Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Денес (10 февруари), во Даут Пашиниот Амам, се одржа промоција на зборникот „Од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008 – 2018“, во издание на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Зборникот е издаден на три јазици – македонски, албански и англиски, а во него се поместени авторски текстови на четиринаесет реномирани новинари, интелектуалци и граѓански активисти – Васко Маглешов, Катерина Блажевска, Љупчо Поповски, Милка Смилевска, Владимир Милчин, Билјана Бејкова, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Сашка Цветковска, Менче Атанасова-Точи, Дејан Азески, Гордана Дувњак, Искра Новаковска и Назим Рашиди.

Зборникот е сведоштво за едно време-невреме кое во колективната меморија на нашите граѓани ќе остане запаметено како темно. Тоа се годините кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ и кои, од оваа исклучително кратка историска дистанца, ќе бидат запаметени како „загубено време“.  Но, зборникот сепак не трагата по загубеното време. Зборникот е тука за да ја зачува таа деценија во колективната меморија на граѓаните и да остави печат за едно време кое не сакаме никогаш да се врати и повтори. Авторите како релевантни пишувачи и аналитичари кои пред сè, со својот збор, а некои и со активистичка работа, учествувале во процесот на разобличување и демонтирање на политиките на режимот кој владееше со Македонија во периодот кој е во фокусот на зборникот „Од Букурешт до Преспа“ се сведоци на тоа време.

Фондацијата Отворено општество – Македонија, како што истакна извршната директорка Фани Каранфилова-Пановска, во своето 27-годишно постоење во континуитет е посветена дел од своите ресурси да ги искористи за да биде еден од ретките ако не, на свој начин, и единствен хроничар на поновата историја. „Затоа, сметавме дека е многу важно, иако од една куса временска дистанца, да фрлиме светло, да се потрудиме да обезбедиме максимално-можен објективен ракурс на тоа што ни се случуваше во посочената деценија.“ рече Каранфилова-Пановска.

Гордан Георгиев, член на Управниот одбор на Фондацијата Отворено општество – Македонија на промоцијата посочи дека Букурешт 2008 – Преспа 2018 е особено важна историска отсечка. Од една страна, Букурешт и политиките по него означија дефинитивен почеток на недемократската власт, на брановите национализам, популизам и постојаното оцрнување на сите оние кои размислуваат поинаку. Од друга страна, Договорот од Преспа требаше да означи почеток на реалните надежи втемелени на потребата за подобра, подемократска, попросперитетна држава, интегрирана во ЕУ. Иако, од денешна гледна точка равенката не е еднозначна и нашиот пат кон ЕУ сè уште е неизвесен, со помош на овој зборник, по поголема историска дистанца, идните генерации, ќе можат да се навраќаат и да го вреднуваат постигнатото и непостигнатото во овој период и да извлечат вредни лекции и поуки.

***

Зборникот е достапен и во електронска форма, на македонски, албански и англиски јазик на веб-сајтот на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Верзија на македонски јазик

Верзија на албански јазик

Верзија на англиски јазик 

—————————————————

11 февруари 2020