Мрежата на ЛАГови, во консултација со засегнатите страни и со вклученост на Општина Битола и Одделението за животна средина, изработи Програма за прилагодување на климатски промени во земјоделството. Програмата е доставена до Советот на Општина Битола и се очекува нејзино усвојување и предвидување средства за нејзино спроведување во буџетот на Општина Битола за 2023 година. Основна цел на овој документ е да придонесе за одржливо управување со природните ресурси, адаптација и ублажување на климатските промени со примена на соодветни методи во земјоделско производство.
Според анализите и процените публикувани во официјалните извештаи за климатските промени, евидентно е дека глобалното загревање ќе има штетно влијание врз Земјата, при што јужна Европа, каде што припаѓа Република Северна Македонија, ќе биде ранлива со поголем интензитет. Стручните сознанија за климатските промени говорат дека тие ќе имаат штетно влијание врз земјоделското производство, а со тоа и врз анималното производство. Затоа е важно јавноста да биде запознаена со проблемот на климатските промени и со мерките што се потребни за заштита и ублажување на последиците од нив и да се подготват стратегии за приспособување на локално, регионално и национално ниво. Во оваа насока е и подготовката на оваа Програма за потребите на општина Битола за намалување на негативното влијание и адаптирање на климатските промени за кои се предвидува дека во наредниот период ќе бидат се поголеми. Акциониот план содржи активности за спроведување на мерки за кои се верува дека може да помогнат околу негативното влијание на климатските промени во земјоделското производство и животната средина во целост.
Предложените мерки се само пионерски почеток кој би требало да има континуитет и по завршувањето на оваа програма. Во иднина сите земјоделски стопанства треба да тежнеат кон примена на технологии кои би значеле адаптирање на влијанието на климатските промени од една страна, а од друга постигнување на поголеми резултати и заштита на животната средина.
Програмата е достапна на следниот линк.
—————————————————
1 јуни 2022