Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 10 мај 2021 се одржа виртуелен настан за претставување на извештајот од истражувањето за имиџот на Северна Македонија во однос на политичкиот критериум и поглавјето 23-Правосудство и темелни права „Имиџ и реалност – Северна Македонија 2020“. Воведни обраќања на настанот имаа извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска како и министерот за правда во Владата на Република Северна Македонија Бојан Маричиќ, а говорници на настанот беа и авторите на извештајот.

Истражувањето „Имиџот на Северна Македонија“ е осмислено како анализа на нормативната рамка за политиките и процесите во однос на политичкиот критериум и поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, како и нивната соодветна примена што придонесува за севкупната одржливост и натамошниот развој на државата. Во рамките на истражувањето покрај анализата на нормативната рамка и нејзината примена, а со цел да се утврди прецизно имиџот на Северна Македонија, се следат и ставовите и перцепциите на домашната стручна јавност, како и оние на стручната јавност во државите членки на Европската Унија.

Истражувањето користи 25 индикатори од областите кои се однесуваат на политичкиот критериум и поглавјето 23, групирани во две димензии: квалитет на демократија и добро управување, разложени понатаму во шест променливи (изборен процес, пристап до информации и слобода на говор, граѓански права и политички слободи, владеење на правото, извршен капацитет и извршна одговорност). Оценувањето за секој од индикаторите се прави по прецизна скала на оценки од 1 (најниска) до 10 (највисока), дополнително структурирана во четири јасни категории, при што за оценувањето се користи нумерички израз, како и описен одговор што ја поткрепува и илустрира дадената оценка. Притоа, во оценувањето учествуваат два автори (м-р Лепосава Огњаноска и м-р Симона Трајковска) и координатор-уредник (м-р Андреја Стојковски). Како извор на информации и официјална проценка примарно се користи Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија, како и други меѓународни извештаи за периодот 2019-2020 година.

Во следната фаза од истражувањето беа спроведени интервјуа со претставници на правосудството, судии и јавни обвинители, како и државни службеници вклучени во клучните реформски процеси поврзани со политичкиот критериум и поглавјето 23, како и претставници на граѓанското општество и академската заедница кои споделија свои видувања и оценки за секој од утврдените индикатори. Последната фаза од истражувањето го опфати утврдувањето на Имиџот на Северна Македонија во државите членки на Европската Унија, преку интервјуа со граѓани на Европската Унија. За ова пилот истражување, беше избрана Хрватска, а интервјуа беа организирани со повеќе чинители, креатори на јавно мислење, секторски експерти и политичари.

Истражувањето укажува дека дури кај 12 од утврдените индикатори реалната состојба во однос на политичкиот критериум и поглавјето 23 во Северна Македонија е подобра, споредено со имиџот кој државата го има кај домашната и хрватската експертска јавност. Имиџот на државата кај домашната експертска јавност е подобар во однос на 6 индикатори, споредено со реалната состојба. Додека, состојбата со имиџот на државата кај хрватската експертска јавност е подобра во однос на 7 индикатори, споредено со реалната состојба. Реалната состојба е подобра во однос на имиџот кој државата го проектира во областите владеење на правото и извршна одговорност. Кај две области, пристап до информации и слобода на говор и извршен капацитет, имиџот кој државата го има кај домашната експертска јавност е подобар. Додека, во очите на хрватската експертска јавност, државата најдобро стои во однос на изборниот процес, односно граѓанските права и политичките слободи.

Оттаму, произлегува дека правно-институционалната рамка во однос на политичкиот критериум и поглавјето 23 е во голема мера усогласена со европските стандарди, иако во одредени области, како на пример изборниот процес и финансирањето на политичките партии, потребна е опсежна ревизија. Темпото на реформи е многу бавно, но државата се опоравува од системските проблеми утврдени во извештајот на групата високи експерти од 2015 година, а постои и нова клима и притисок за преземање на клучните реформи.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „ЕУ Опсерваторија“ спроведен со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Целосната анализа можете да ја најдете тука

—————————————————

11 мај 2021