Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Пописот на населението е исклучително значајна статистичка операција за една држава. Во Северна Македонија, во изминатите неколку децении, политичарите главно го сведуваат пописот на етничко пребројување на населението, што е особено ризично бидејќи пописот едноставно ни оддалеку не се исцрпува со етничкото пребројување на населението. Пописот на населението дава длабок увид во состојбата на теренот и обезбедува основни податоци врз кои се темели креирањето на политиките и развојните стратегии во различни општествени области.

Од големо значење е граѓаните да бидат непристрасно, квалитетно и веродостојно информирани за целиот процес на спроведување на оваа статистичка операција, но уште повеќе да бидат едуцирани за тоа зошто пописот е важен и зашто треба да биде успешно реализиран. Граѓаните треба да го разберат значењето на пописот за развојот и унапредувањето на квалитетот на живот во државата односно да разберат дека пописот не е и не смее да биде политичко-партиско, етничко-религиозно „бојно“ поле, туку, клучна статистичка операција која ќе овозможи квалитетни развојни  политики.

За да  придонесе кон подигнување на свеста на граѓаните за  значењето на пописот  и неговото успешно спроведување, НВО Инфоцентарот, со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија, во периодот март – мај 2021 година, ќе го реализира проектот „ Попис 2021 – со добро информирани граѓани до успешен попис“ во кој ќе се вклучени повеќе активности.

Како дел од проектот ќе се реализира онлајн едукативно-информативна кампања за значењето на пописот и неговата улога во креирањето и спроведувањето развојни стратегии и политики во различни општествени важни области како економијата, здравството, социјалната политика, регионалниот развој, образованието, земјоделството, енергетиката, инфраструктурата и др. Дополнително, ќе се креираат и информативно-едукативни содржини за специјализираната интернет страница Попис конечно (http://popis.mk/) во формат на статии/ вести/ интервјуа /изјави поврзани со подготовката и реализацијата на Пописот 2021 година, но и новинарски аналитички стории кои подлабоко ќе го истражат значењето на пописот и пописните податоци за креирањето стратегии и развојни политики во конкретни општествени области.

За повеќе информации врзани со проектот следете ги НВО Инфоцентар на нивната Facebook страница или пак на веб страницата http://popis.mk/

—————————————————

22 март 2021