Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Се одржа перформансот “Место за поддршка – корупција на работно место кај жени”, кој во фокусот ја има борбата против насилството кое жените го доживуваат на своите работни места. Перформансот беше базиран на сведоштва на околу 500 жени кои ги споделија своите искуства од своите работни  места, во истражување кое беше спроведено во текот на март и април оваа година, преку онлајн истражување, анкета и интервјуа.

“Место за поддршка” беше посветен на сите храбри жени кои преку своите сведоштва содаваа и создаваат простор за поддршка за сите кои се соочуваат со насилство од било каков тип. А сведоштвата се вознемирувачки:

“Имам многу случки за да одвојам само 1. Генерално биле сексистички коментари од страна на соработници и/или колеги, elevating eyes, девалвирање и вреѓање на интелигенција врз родова база, дерење со погрдни зборови, итн. Но се имам судрено и со несакани допири за време на деловни средби, на рамења, на дланка, струк. Генерално и двата типа вознемирување ме имаат уплашено, понижено и вознемирено.”

“Арогантно, дрско, некултурно однесување од раководител со умисла дека институцијата е негова своина, па, со висок и некултурен тон, може од истата да ве брка како да сте му дома дојдени. Двојни аршани кон негови сопартијци и другите останати вработени.”

“После продолжено породилно отсуство (бидејќи моето дете беше болно имав право на боледување) на првиот работен ден од страна на управителот бев отстранета од работа и прекината работната задача пред сите колеги поради тоа што веќе примил друга вработена на моето место.”

Во перформансот играа актерките Емине Халил, Владанка Димковска и Енџи Николоска, во режија на Драгана Гунин, а идентитетот на сите кои ги споделија своите искуства е заштитен и сите приказни се анонимни и драматуршки прилагодени.

На овој проект се работи од крајот на 2020 година а на истиот му претходат и искуствата на студентки со сексуално вознемирување од страна на професори на своите факултети.

Доколку сакате да ги чуете аудио приказните базирани на искуствата кои жените и девојките ги имале на своите работни места или факултетот на кој студираат, тоа можете да го направите на следниов Youtube канал.

Следете ги активностите на проектот и на Instagram  и Facebook 

“Место за поддршка – корупција на работно место кај жени” е реализиран со  поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

20 мај 2021