Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 10 март 2022 година, Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и општина Кавадарци потпишаа Меморандум за соработка со кој се заложија за унапредување на доброто владеење преку зајакнување на отпорноста на локалната власт на корупција и конфликт на интереси, а со воведување на систем на интегритет во општината.

На средбата, Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во ФООМ ја поздрави оваа прва формална соработка помеѓу ФООМ и општина Кавадарци, преку која во еден колаборативен процес помеѓу ФООМ, администрацијата и експертскиот тим ќе се работи на мапирање на ризиците од корупција и судир на интереси на локално ниво и ќе се дизајнираат активности чија цел е овие ризици проактивно да се отстранат или намалат.

Градоначалникот Митко Јанчев изјави дека општина Кавадарци е подготвена да работи на усвојување на политики кои имаат за цел да го подобрат интегритетот, транспарентноста и ефикасноста на општината, како на пример преку примена на начелото на делегација на надлежности за одлучување во управни постапки.

Во рамки на посетата, беше одржан и работен состанок со претставници на администрацијата, на кој беа разговарани прашања поврзани со: управни постапки, буџет, јавни набавки, управување со човечки ресурси, управување со средства, антикорупција, етика и интегритет, судир на интереси, внатрешна ревизија и надворешен надзор.

Меморандумот за соработка е склучен во рамки на проектот „Зајакнати системи на интегритет за борба против корупција на локално ниво“, кој го реализира Фондација Отворено општество – Македонија, а  е дел од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Повеќе информации за Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Содржината на оваа веб страница не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

—————————————————

11 март 2022