Во рамки на проектот „Образование за помалку бројните етнички заедници“ во периодот од 06 до 20 ноември 2021 г. се реализираше обука за наставници коишто реализираат настава на босански јазик од 2 проектни училишта: ООУ Дитуриа Сарај и ООУ Рајко Жинзифов, Оризаре, Велес како и на неколку наставници коишто го предаваат изборниот предмет Јазик и култура на Бошњаците.
Целта на обуката беше зајакнување на компетенциите на наставниците за развивање на вештините на учениците за пишување, читање, слушање и зборување на босанскиот јазик. Обуката се реализираше онлајн во три сесии (денови) од четири часа преку комбинација на предавања и практична работа.
Фокусот на предавањето беше да се дадат одговори на теоретски прашања поврзани со правописот, граматиката, стилската норма на босанскиот јазик, како и да се истакне важноста од развивање култура на изразување кај децата. Со вежбите практично се работеше на обработка и адаптирање за настава на текстови од босанската наставна програма, но и од популарната култура. Сите учесници добија комплет материјали кои беа користени за време на обуката.
Предавачи на обуката беа проф. Берниса Пуриш, вонредна професорка на отсекот за босански јазик и култура при Филозофскиот факултет во Сараево, и Сандра Злотрг, директорка на Здружението за јазик и култура Лингвисти од Босна и Херцеговина.
—————————————————
22 ноември 2021