Се одржа втората тематска обука за новинари на тема: „Кривична постапка, тек на постапката и права на учесниците“ како дел од активностите во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“.
Како дел од пректот, предвидени се вкупно 6 тематски обуки за новинарите на кои тие ќе се запознаат подетално со кривичната постапка, јавноста на судењата како и практиката на Европскиот суд за човекови права во поглед на медиумската слобода, јавниот интерес, правото на фер и правично судење. Предавачи на обуките се искусни практичари и теоретичари во областите на Поглавјето 23.
Паралелно со одржувањето на обуките за градење на капацитетите на 10-те новинари, тие ќе работат на подготовка на истражувачки стории и известувања на теми поврзани со правосудството и Поглавјето 23, со менторска поддршка од страна на искусни уредници и новинари – Љупчо Николовски, Теофил Блажевски и Александар Димитриевски.
ЗА ПРОЕКТОТ
Проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“ е имплементиран во партнерство на Коалицијата „Сите за правично судење“ и Фондацијата Отворено општество – Македонија. Обуката се одржа онлајн, на 15 јануари 2021 година.
Проектот има за цел зајакнување и унапредување на капацитетите на новинарите во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството, со што ќе се придонесе во објективно и непристрасно информирање на јавноста и документирање на исполнувањето на обврските на земјата и спроведените реформски процеси, како предуслов за пристапување на РСМ кон ЕУ. Воедно, проектот цели да ја зајакне соработката помеѓу граѓанските организации и новинарите како и да ја подигне општата јавна свесност за темите од областа на правосудството и нивното значење и влијание.
—————————————————
18 јануари 2021