Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

„ЗЕЛЕНА БЕРЗА“ е здружение кое активно работи на промоција на македонскиот земјоделец, на создавање заедница на македонските производители на храна која ќе се бори за интересите на современото македонско земјоделие, а воедно ќе ги претставува и ќе биде глас на секој индивидуален земјоделец. Тие посветено работат на информирање и едукација на земјоделците и актуелизирање на тековни проблеми до институциите, а посебен акцент ставаат врз афирмирањето на успешната жена земјоделец.

Проектот „Од рурална жена до успешен претприемач, без стереотипи и дискриминација” кој е финансиски поддржан од ФООМ, има за цел да придонесе кон надминување на стереотипите кои се однесуваат на дискриминација на руралната жена, издигнувајќи ја истата до ниво на успешен претприемач. Проектот воедно има за цел да ги поттикне, мотивира руралните жени да станат успешни претприемач.

Истражувањата покажуваат дека само 30% жени во Европската унија имаат статус на сопственици на земјоделскиот имот. Состојбата и во Република Северна Македонија е исто така загрижувачка. Жените кои се занимаваат со земјоделие се обесправени и се соочуваат со низа ограничувања во делот на правата при вработување во земјоделието кои можат да ги остварат. Дискриминација на руралната жена е особено изразена при нејзиното ангажирање како успешен претприемач или носител на проекти, поради недоволна едукација, стереотипност во размислувањата и предрасуди.

Во рамки на проектот, „Зелена берза“ ќе се осврнат на овие проблеми со кои се среќава руралната жена-претприемач и ќе ја истражуваат и анализираат состојбата на терен, ќе организираат консултации и дебати помеѓу засегнатите страни, ќе продуцираат едукативен материјал како и едукативно списание со посебен акцент на жена – претприемач преку илустративни стории, но и ќе ја актуелизираат проблематиката преку социјалните мрежи.

„Од рурална жена до успешен претприемач, без стереотипи и дискриминација” е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

За повеќе информации за работа на „Зелена берза“ и како и за активностите од проектот, следете ги на нивниот веб-сајт и Фејсбук страница.

—————————————————

20 март 2020