Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

164 наставници од училишта во кои наставата се реализира на македонски, турски, српски или босански јазик, кои се дел од проектот на ФООМ насочен кон унапредување на квалитетот на образованието на ученици од помалите заедници, присуствуваа на обуки за развој на критичко размислување кај учениците како и за квалитетна педагошка пракса.

Преку обуката „Со читање и пишување до критичко мислење“ предметните наставници, преку искуствено учење, односно модел часови, се запознаа со методи на настава кои го активираат ученикот активно да учи и критички да размислува. Со обуката „Квалитетна педагошка пракса на 21 век“ пак, која беше наменета за одделенските наставници од истите училишта, наставниците се запознаа со принципите за реализација на современа настава која ученикот го става во центарот на наставниот процес. Обуките се спроведуваа во партнерство со ФОКИМ Чекор по чекор и во соработка со Управата за унапредување на образованието на заедниците, а се одржаа од 24 до 27 јуни во Охрид и Струга.
Дополнително од 27 до 30 јуни во Охрид група наставници од различни училишта во државата коишто го предаваат изборниот предмет „Јазик и култура“ на Ромите/Бошњаците/Власите ја следеа обуката „Со читање и пишување до критичко мислење“ со што ќе имаат можност да воведат новина во наставата на овие изборни предмети и да го поттикнат интересот на поголем број ученици да го избираат соодветниот предмет.

—————————————————

3 јули 2019