На 10 и 11 март во Академијата за судии и јавни обвинители се одржува обука за одржување на јавна расправа во управен спор, на која учествуваат судии од Управен и Виш Управен суд.
Обуката, која е прва од ваков вид во земјата, ја отворија д-р Наташа Габер Дамјановска, директор на Академија за судии и јавни обвинители и членка на УО на ФООМ и г. Жарко Хаџи-Зафиров, програмски раководител во Центар за правни истражувања и анализи.
Судија Жељка Зрилиќ Јежек, судија на Управниот суд во Загреб, во текот на обуката ќе го презентира Прирачникот за одржување на јавна расправа во управен спор, покривајќи многу важни теми како подготовка за јавна расправа (претходно испитување на тужба, достава на одговор на тужба, закажување на јавна расправа), начела на јавна расправа (одржување на јавна расправа, изведување на докази), изведување на докази во управен спор, сослушување на странки и одржување на ред.
Обуката е организирана во рамки на проектот „Административна правда по европски стандарди“ имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) – Скопје, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Целта на проектот е подобрување на системот на добро владеење во Република Северна Македонија преку обезбедување на ефективна административна правда заснована на европски стандарди.
Проектот „Административна правда по европски стандарди“ е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
—————————————————
10 март 2020