Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 16.04.2021, ЗОР Милиеуконтакт Македонија и Фондацијата Отворено општество ‒ Македонија (ФООМ), реализираа обука на тема Климатски промени наменета за јавната администрација од Општина Битола. На работилницата присуствуваа вработени во општинската администрација, односно одделение за урбанизам, градежништво, одделение за локален економски развој, одделение за социјални работи, како и претставник од Советот на Општина Битола.

Целта на обуката беше да понуди дополнителни информации и да го унапреди знаењето на претставниците на локалната јавна администрација за климатските промени и имплементација на мерките и политиките на локално ниво.  Обучувачи беа Маја Марковска, Извршен Директор на ЗОР Милиеуконтакт Македонија и Д-р Петра Поп Ристова, Акватичен еколог микробиолог, проектен координатор во ЗОР Милиеуконтакт Македонија.

Обуката започна со преглед на меѓународната законска регулатива која се однесува на климатските промени (Рамковната конвенција на ОН за климатски промени и Парискиот договор). Во однос на националната законска регулатива беа наведени досегашните одредби и членови од законот за животна средина кои се однесуваат на климатските промени, како и стратешките документи. Исто така, беше споделена информација за изработка на првиот рамковен закон за климатска акција кој е во завршна фаза и кој ќе биде достапен за коментирање од страна на засегнатата јавност, како и нацрт верзијата на долгорочната стратегија за климатска акција 2020-2050, која претставува еден од поамбициозните документи во областа на климатските промени и заштитата на животната средина.

Следеше краток преглед на влијанијата и ранливоста на климатските промени на водата, животната средина, храната и здравјето на човекот. Беа објаснети и поимите митигација или активности за ублажување на климатските промени, прикажани преку намалување на емисиите на стакленички гасови и зголемување на јаглеродните резерви и адаптација или активности за намалување на ранливоста на климатските промени. Беа наведени и објаснети мерките за митигација и мерките за адаптација во најранливите сектори. Следуваше презентирање на проектот „Општински Стратегии за климатски  промени“, кој беше финансиран од USAID, а се спроведуваше од страна на ЗОР Милиеуконтакт Македонија во периодот 2012-2017 година, како и искуствата и бенефитите и за општините кои учествуваа во него.

На крај од обуката беше презентиран концептот на Одржливи, зелени и климатско-неутрални градови, кои се причина, но во исто врме може да бидат и решение за климатските промени, ако се земе во предвид дека градовите можат да допринесат до остварување на 40% од целите на Парискиот климатски договор.

Оваа обука е во рамки на Концептот на ФООМ „Зелен скок – Партнерства за климатска акција“.

—————————————————

21 април 2021