Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во изминатите 12 месеци, во рамките на проектот  ,,До заробена држава во Северна Македонија – Судство, јавното обвинителство и полиција”  БИРН Македонија подготвија истражувачки стории на различни теми поврзани со заробување на институции.  Целта на проектот е да ги идентификува, преку различни студии на случај и детална анализа на системските слабости на владеење на правото, начините низ кои се остварува политичката контрола врз институциите (судството, обвинителството, полицијата) или начините на кои се злоупотребуваат системските слабости на владеењето на правото.

Вкупно беа подготвени шест истражувања кои беа фокусирани на шест теми кои се илустративни за (не)функционирањето на правосудниот систем во заробена држава.

Сторија 1. „Државата во сценариото за десоросоизација“ открива смислена, политички мотивирана, координирана операција на злоупотреба на институциите за пресметка со цивилниот сектор и сите кои мислеа поинаку, наречен од страна на претходната власт како „де-соросоизација“. Новинарите истражуваа дека низ оваа операција се спроведоа повеќемесечни интензивни контроли врз 22 невладини организации, со кои не се најде ништо незаконско, не резултираа ниту со одговорност за нарачателите и за спроведувачите, ниту со системски измени што би спречиле по политички диктат институциите да бидат употребувани за пресметки со граѓанското општество.

Сторија 2. Во текстот „Стокхолмскиот синдром“ на македонските обвинители, БИРН ја истражува одговорноста на јавните обвинители. Текстот ја илустрира нивната подложност на политичка корупција, директни и индиректни влијанија како и немањето ефективни механизми за нивно повикување на одговорност. Истражувањето покажа дека за 12 години биле разрешени 12 обвинители од кои 8 само во 2008 година – позната како година на заробувањето на правосудниот систем од страна на владата на Никола Груевски. Оттаму истражувањето ја опишува врската меѓу обвинителството и политиката  со „стокхолмскиот синдром“, во кој тие се заробени, но развиле емоционална и идентификациска врска со агресорот, па му помагаат во остварувањето на неговите цели.

Сторија 3. Во истражувањето “Заробената држава во приказната за заробениот судски софтвер“ БИРН покажа дека злоупотребата на софтверот за автоматска распределба на судските случаи на судиите – беше невидлива и за Судскиот совет и за Врховниот суд, иако беше јавна тајна, а судии и службено се жалеле дека им било наложувано усно да работат некои случаи, се додека таа злоупотреба не влезе во извештајот на експертската група за системско владеење на правото предводена од Раjнхард Прибе во 2015.

Сторија 4.  Во текстот „Фотелјата најдобра заштита од решетки се истражува дали има вистина во тоа дека политичарите никогаш или ретко кога одговараат за дела што ги сториле вршејќи ја службата. Преку истражување и анализа БИРН дојдоа до следниот податок: oд 89 пријавени функционери, само 17 седнале на обвинителна клупа. Од нив осум се ослободени. Против четворица функционери, судењата се во тек, еден е осуден само во прв степен и чека одлука на повисок суд, а петмина биле и правосилно осудени на казна затвор. Но, и покрај тоа, до овој момент, само двајца  ја одлежале казната.

Сторија 5. Истражувањето за злоупотребата на политичките помилувања е насловено како „Правдата потклекнува под бесправната милост“. Тоа е фокусирно на овој тип на одлуки во последните десет години и на мислење на повеќе водечки правни експерти во врска со ефектите што случаите на давање милост на политичките личности ги имаа врз општеството. Хронолошкиот пристап и анализа на одлуките и постапките ја илустрира состојбата во која се дозволуваат различни и спротивставени толкувања на одлуките поврзани со одговорноста на носителите на јавни функции.

Сторија 6. Последното истражување во рамките на овој проект е посветено на примената на најстрогата мерка за обезбедување на осомничено лице и е насловено како „Притворот како казна за обичните“. Споредбена анализа на случаите „Мавровски работници“ и „Змиско око“, во делот на одредување на притворот, ги истражува разликите во односот на институциите – како постапуваат кога цел на прогонот е политички „важен играч“, кому може да му се укине притворот додека е во бегство, а како кога се во прашање „обични смртници“.

Ова истражување е финансирано од  OSIFE, во соработка со OSEPI. Спроведено е од Балканска истражувачка репортерска мрежа Македонија, заедно со Коалиција сите за правично судење, Институтот за човекови права, Хелсиншки комитет за човекови права и Фондација отворено општество Македонија.

—————————————————

1 април 2020