Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Автор: Васко Маглешов

Нема област од јавнообвинителската работа што не била под сомневање за политичко влијание: од изборот на обвинителите, преку нивното водење на предметите, па сѐ до (не)одговорноста за нивното постапување. Исто така, нема област во која овие влијаниja и врски се докрај истражени, а уште помалку докажани, покажа истражувањето на БИРН за одговорноста на оние што се на првата борбена линија со криминалот.

Врската меѓу обвинителството и политиката најдобро може да се отслика со „стокхолмскиот синдром“, во кој тие се заробени, но развиле емоционална и идентификациска врска со агресорот, па му помагаат во остварувањето на неговите цели.

Битки со политички влијанија во борбата со криминалот

Кога во 2015 година во скопската населба Пржино лидерите на политичките партии го договараа лекот за најневралгичната точка во заробената држава, организираниот криминал, веројатно, никој не можеше да претпостави дека првиот човек на специјалната институција во најава, пред крајот на мандатот, наместо да ја врати, ќе ја пеплоса довербата на граѓаните во правната држава.

Законот за СЈО намерно беше скроен да биде „англиска кралица“ во правосудниот систем затоа што редовното обвинителство, наместо да гони криминал, беше под критики дека е блокирано од тогашниот политички центар на моќ. СЈО доби целосна автономија надвор од хиерархискиот обвинителски систем.

Четири години по раѓањето на новата институција, коjа умре со случајот „Рекет“, а Јанева заврши на обвинителна клупа, одново ги отвори прашањата дали и колку обвинителите се отпорни на влијанија, има ли спрега меѓу нив и политичките и бизнис-елити и дали тоа се причините што ги блокирале или одложиле истрагите?

Докажувањето на спрегата меѓу политиката и обвинителите, во отсуство на кредибилитет на институциите кои би требало да го спроведат тоа, ја остава јавноста преку својата перцепција да донесува судови, а тие се недвосмислени – гонењето на криминалот секогаш е под цврстата палка на политиката.

Избегнувајќи генерализации, луѓето од фелата јавно потврдуваат дека партизацијата на дел од обвинителите е несомнена.

„Имаме партиски обвинители, кои воопшто не заслужуваат да ја вршат таа функција“, вели за БИРН поранешниот јавен обвинител, Иван Јакимовски, кој смета дека негови колеги дискретно шурувале со политиката.

Републичките обвинители со челните луѓе на обвинителствата | Фото: БИРН

„Разно“ за пријавите кои СЈО ги презеде од обвинителствата

Истражувајќи ја одговорноста на обвинителите во минатото, првиот индикатор за (не)процесирањето се поднесените кривични пријави.

Редовното обвинителство беше преплавено со кривични пријави за случаите, како проектот „Скопје 2014“, „Актор“, „Македонска банка“, „Црниот понеделник“, „Аферата со прислушувањето“, „Набавката на опремата за прислушување“…

Најагилна во поднесување на пријавите во ерата на Груевски, судејќи според бројките, била тогашната опозиција. Но, јавноста не дозна дали овие предмети, независно што имале партиски подносител, завршиле со јавнообвинителски одлуки кои потврдуваат криминал.

Според податоците до кои дојде БИРН, пријавите што СЈО ги презело од обвинителствата, биле заведени под уписникот „РО“, што во обвинителскиот занает значи „разно“. Под овој уписник се заведуваат сите документи што пристигнуваат во форма на пријави и известувања. 

Ако обвинителството процени дека има доволно индиции и докази, пријавите се презаведуваат под уписникот „КО“, односно преминуваат во истрага. Одлуката за тоа како ќе се заведе предметот ја донесува обвинителот, т.е. шефот на обвинителството.

Но, од 72 предмети што СЈО ги презело, сите биле заведени под „РО“, што значи дека ниту една пријава не преминала во истрага со потврдено основано сомнение за криминал и корупција. Од 72 преземени „РО“ пријави, СЈО отвори истраги за 53.

Од сите овие истраги подоцна се изродија 22 обвиненија за кои има активни судења.

Некои од овие кривични пријави биле речиси „мртви“, т.е. отфрлени. Индикативно за (не)постапувањето за пријавите е една кривична пријава, која била затворена со резолуција и датира дури од 2005 година. Но, обвинителите од СЈО, не само што ја презеле, туку ја работеле. 

„Осумдесет до 90 проценти од пријавите што ги презедовме биле работени козметички, само со по некое испратено барање до МВР за да има трага дека се преземаат дејствија“, вели обвинител од СЈО што сакаше да остане анонимен.

Меѓу преземените пријави од обвинителствата имало и такви, кои намерно или не, се воделе во сосема погрешна насока.

Таков е случајот „Империја“. Тој предмет е основан врз седум пријави што СЈО ги презело од редовните обвинителства, (пет од Скопското обвинителство и по еден од Организиран криминал и од Битолското обвинителство). 

Од нив нецели девет месеца се ѕидала предистрагата за случајот. 

СЈО оживеа дел од пријавите, за по престанокот на мандатот на ова обвинителство, повторно да се вратат назад, таму од каде што беа преземени. 

Во барањето одговор на прашањето дали обвинителите намерно, или под нечиј диктат оставале предмети на апарати за дишење ја споредивме брзината со која постапувало СЈО и редовното обвинителство. 

Така, на пример, во декември 2015, СЈО ги презема првите предмети од редовното обвинителство. На 12 февруари 2016 година, СЈО излезе јавно со случајот „Титаник“. Тоа значи дека на СЈО му требало еден и пол месец за да ја отвори првата истрага.

Брзината на постапување е сосема поинаква ако се има предвид колку истражители, стручни соработници биле ангажирани во СЈО, институција која имаше сопствен буџет, велат за БИРН обвинители од редовното обвинителство. 

Но, прашање е дали само тоа е причината поради која пријавите не стигнале до обвинение. Единствено што е сигурно е дека никој не истражил дали станува збор за немање услови за истрага или за намерно непостапување.

Иако послабо екипирано, обвинителството не било така бавно во сите предмети. Во случајот „Пуч“, каде што беше обвинет тогашниот лидер на опозицијата, Зоран Заев, истрагата одела брзо. За приближно пет месеци, постапката преминала од предистрага до обвинение.

За 11 години, 12 разрешени обвинители

„Рекет“ го затвори СЈО | Фото: БИРН

Борците со криминалот и корупцијата немаат имунитет како судиите, но Законот за јавно обвинителство ги штити за преземените дејствија.

Токму затоа обвинителите ретко размислуваат да повикаат колега на одговорност, дури и во случаи кога имало пријави или индиции дека можеби предметот е нарачан или „креиран“ надвор од обвинителството.

Обвинителите, како и судиите, намерно имаат траен мандат, за нивниот повторен избор да не зависи од волјата на политичките центри при промената на власта. 

Работата на обвинителите се коригира, односно се санкционира преку дисциплински постапки и разрешување. 

Од 2008 година, кога е основан Советот на јавните обвинители, до 2019 година биле разрешени девет обвинители поради нестручно работење, двајца поради дисциплинска повреда и еден поради пресуда за сторени кривични дела. 

Ако се суди според вкупниот број обвинители, во државата, кој се движи меѓу 170 и 180, излегува дека разрешувањата навистина се ретки.

Најмногу обвинители биле разрешени во 2009 година, осум од вкупно дванаесет. Но, разрешувањето на некои од нив уште тогаш ги отвори дилемите за политичка пресметка со „неподобните“ и се смета за една од парадигматичните епизоди на интервенции во судството на тогашната владејачка гарнитура. 

Причината е позната – разрешувањата не секогаш беа аргументирани со докази за нестручно работење.

Оваа теза ја истакнува и Стерјо Зиков, поранешниот прв човек на скопското обвинителство, кој работеше меѓу смената на власта на СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше разрешен поради неажурност и несовесно работење.

Но, Зиков за БИРН вели дека прекинот на неговата функција бил од други побуди. „Тоа беше политичка одлука со која јас бев навреден, не толку поради функцијата, туку од колегите“. 

Зиков, кој сега е адвокат на обвинети во предмети на СЈО, тврди дека никогаш повторно не би се вратил во обвинителството.

Но, освен оваа епизода во 2009, кога правосудството беше предводено од министерот Михајло Маневски, а јавен обвинител беше Љупчо Шврговски, во која има најголем број разрешувања, бројките укажуваат дека обвинителите многу ретко се предмет на санкционирање, особено ако тоа не е партиски мотивирано. 

Останатите разрешувања ги вклучуваат Катица Јанева и нејзиниот колега од Велес, Ивица Ефремов, осуден во случајот „Ликвидација“.

Отворени предмети по допрен глас на ниво на статистичка грешка

Државниот обвинител уверува дека се` повеќе работат предмети по допрен глас | Фото: БИРН

Ако се суди според самоиницијативноста, се покажува дека обвинителствата се мрзливи борци со криминалот и корупцијата. Бројот на отпочнати постапки по допрен глас за изминатите пет години (2014 до 2018), се движи меѓу 1,80 и 3,80%. 

Во 2014 година, само 2 проценти од отворените случаи биле по допрен глас. Следните 2015 и 2016 година, тој процент пораснал за незначителни 0,40 отсто. Овој благ, нагорен тренд запрел во 2018 година, кога процентот, наместо да расте, почнал да опаѓа. Обвинителството по допрен глас во 2018 година отворило само за 1,8 отсто од постапките.

Јовески, сепак, не се сложува докрај со оценката дека до обвинителите тешко допира јавниот глас. Тој тврди дека лани отвориле 18-тина предмети по допрен глас, а го зеде за пример случајот „Рекет“. 

„Предметот почнавме да го работиме сами. Немавме пријава. Работевме врз основа на тоа што нѐ извести премиерот…“, вели Јовевски, појаснувајќи дека исказот на Јордан Камчев во обвинителството доаѓа подоцна. 

(Не)одговорноста на обвинителите во случајот со 27 април 

Врската со владејачката партија можеби најдобро ја илустрираат случувањата од вечерта на 27 април 2017, кога толпа упадна во Собранието и ги загрози животите на пратениците што го гласаа претседателот на Собранието, Талат Џафери. 

„Вечерта во обвинителството со кое во тој момент раководел Марко Зврлевски се расправало за тоа дали има кривична одговорност на челниците на СДСМ што формираа мнозинство во Собранието“, сведочи за БИРН обвинител од оваа институција.

По настаните, обвинителите Гордана Гешковска, Јован Цветановски и Златко Биковски беа повикани на одговорност. Формирана е петчлена дисциплинска комисија, која ги сослуша и заклучи дека тие не направиле навремен увид по настаните во Собранието, со што дозволиле влијание врз доказите.

Како дисциплинска мерка е одредено да добиваат за 30 проценти пониска плата половина година, на што тие вложија жалба.

Советот на јавните обвинители, во јули 2019 им ги прифати жалбите на обвинителите и предметот е на повторно одлучување. Постапката не е временски ограничена и до овој момент таа не е завршена. 

Од настаните поминаа речиси три години и веќе никој во јавноста не ја проблематизира нивната одговорност. 

Државен обвинител скроен со намигнување на партиите

Интегритетот на обвинителите најмногу се проблематизира при изборот на државниот јавен обвинител. Партиските пазарења се за тоа кој да го предлага, односно кој да ја има контролата врз гонењето на криминалот. 

Таа контрола по принципот на субординација потоа се префрла на пониските нивоа. Во последниов период, камен на сопнување стана и изборот на првиот човек на најважното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Ако се разгледаат стенографските белешки од Собранието при изборот и разрешувањето на досегашните државни обвинители, ситуацијата е иста, независно од тоа кои партии биле во власта: Опозицијата обвинувала дека изборот е партиски и дека се молчело за аферите и скандалите во власта.

Власта, од друга страна, се правдала дека избраниот шеф на државното обвинителство има капацитет и интегритет да се бори со криминалот и корупцијата во државата.

Позицијата на првиот обвинител и неговата независност можеби најдобро е илустрирана преку изјавата на огорченост и разочараност на тогашниот јавен обвинител Александар Прчевски, во моментот на неговото разрешување.

„Јас сум веројатно последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител“, изјави тој во 2006 година.

Од пет државни јавни обвинители од донесувањето на новата законска рамка, четворица ги разрешило Собранието поради нестручно и несовесно вршење на функцијата: Стеван Павлески, Ставре Џиков, Александар Прчевски и Maрко Зврлевски. Само Љупчо Шврговски го заврши целиот шестгодишен мандат.

Сите овие разрешувања се случуваат кратко по промената на власта, со образложение дека несовесно и нестручно ја вршеле работата. 

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, за БИРН го потврдува општиот впечаток дека „со промена на власта, се менува државниот јавен обвинител“. 

Колевски смета дека треба да се размисли за промена на моделот за избор на првиот обвинител да не биде на предлог на владата:

„Измена треба да се направи за да не биде државниот јавен обвинител зависен од политиката. Обично тој што го избрал зависи од него и тој може да го смени. Или да се пренесе на Советот, или да го гласаат граѓаните, па јавниот обвинител да одговара пред граѓаните што го избрале“, вели тој.

Јовески, пак, е убеден дека тој модел е дискутабилен, особено ако се има предвид тоа што за изборот би требало да се спроведе кампања и некој тоа да го плати. На тој начин, како што рече, идниот обвинител ќе си создаде зависност и лојалност кон луѓето што му ја одработеле кампањата.

„Единствено би размислувал дали обвинителот може да биде на предлог на претседателот, а не на владата, иако ова е сепак својствено за претседателски систем. Нема претседателот да трпи обвинител кој зад него има афери или што балансира…“, вели Јовески.

Избор на обвинители – преку лобирања и влијанија

Наместо за стручноста, обвинители се избираат во дебата дали излегле на телевизија | Фото: БИРН

Настрана од битката за обвинителскиот трон, се чини дека најважниот момент за гонењето на криминалот лежи во изборот на обвинителите. Врвната инстанца што избира и разрешува обвинители е Советот на јавни обвинители. 

Таа е пандан на Судскиот совет за судиите. Нивната позиција е неприкосновена, бидејќи постојниот Закон не предвидува можност за одговорност на членовите на Советот или за нивна дисциплинска повреда.

Проверувајќи ги записниците од седниците на Советот, особено кога се избираат јавни обвинители, или, пак, се кандидираат за повисоките обвинителства, може да се заклучи дека ретко се води суштинска и квалитативна дебата за тоа кој обвинител заслужува да добие унапредување. 

Иако критериумите се јасно прецизирани, дискусијата се водела околу јавните настапи на одредени кандидати во јавноста и личните односи на членовите на Советот со некои од обвинителите.

Па, така, на пример, на седницата што се одржала во 2017 година за избор на државен обвинител, наместо за стручноста и квалитетот, се разговарало дали еден од кандидатите гостувал на телевизија, друг дали бил конфликтна личност, трет дали бил елоквентен и слично.

За штетата на обвинителите плаќаат граѓаните

Само за повлеченото обвинение за случајот „Сопот“ во кој беа обвинети жители на истоименото кумановско село за поставување мини при што загинаа војници на НАТО, државата исплати над милион евра отштета. Во случајот „Пуч“, таа e над 50-тина илјади евра. Се предвидува дека сумата ќе биде исто така висока и за случајот „Тенковски делови“, каде што беше обвинет експремиерот Владо Бучковски, бидејќи станува збор за предмет што се судеше со години. 

И во случајот „Јустиција“, каде што беа гонети, па ослободени од вина судии и вработени во судовите, на адвокатите им беа досудени износи во илјадници евра. Сите овие отштети се исплаќаат од државниот буџет.

Но, штетата како паричен износ е занемарлива во споредба со штетата што ѝ се нанесува на довербата во правната држава кога судот донесува ослободителни или одбивателни пресуди, или ги запира постапките.

Извор ПРИЗМА

—————————————————

3 февруари 2020