Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Човековите права, дигиталната писменост и дигиталната безбедност, критичкото и аналитичко размислување, сексуалното образование и грижа за менталното здравје се теми кои ги засегаат младите во Македонија, а кои на ниту еден начин не се вклучени во формалното образование. Овие теми се особено важни во време на пандемија каде младите не се во можност редовно да посетуваат настава со физичко присуство и да одржуваат контакт со своите врсници, едукатори и психолози во училиштето.

Здружението за едукативен развој ЕКВАЛИС, преку проектот „Младински пакети и ангажираност преку младински кампањи“ поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија ги допира токму овие интересни теми и им овозможува на младите во 12 различни градови да се стекнат со знаења кои ќе им се од корист, но и придонесува кон актуелизирање на овие теми кои недостасуваат не само во формалното образование, туку и во општествениот дискурс.

Проектот вклучува повеќе активности како што се обуките на актуелните и важни теми односно мастер-класови во форма на видеа реализирани и достапни на дигиталната платформа на МОФ но и организација на младински кампањи кои придонесуваат кон посериозно младинско ангажирање но и поттикнуваат активно залагање за прашања од интерес за младите. Ваков тип на кампањи придонесуваат да се зајакне активизмот кај младите и да се потенцира нивната улога во процесите за застапување за младински прашања, а воедно, младите се стекнуваат со искуство во креирање на младински кампањи, ќе влијаат на своите врсници но и ќе придонесат кон решавање на младински проблеми и прашања.

Следете ги ЕКВАЛИС на нивната Facebook страница или пак нивниот Instagram профил.

 

 

—————————————————

28 јули 2021