Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Kлиматските промени сѐ почесто ги чувствуваме на сопствената кожа, и веќе не е прашање дали ќе се случат туку какво ќе биде нивното влијание и во колкава мера ќе ја погодат планетата Земја, а неизбежно е секако и прашањето каква ќе биде состојбата во Македонија.

„Климатски баланс“ е креативна акција со која Центарот за современи уметности Скопје сака да ги потсети граѓаните и властите, но и да се подигне јавната свест за одржливо користење на природните ресурси. Кога се зборува за одржливо користење на природните ресурси, шумите и водата се во преден план бидејќи, за жал, се сериозно загрозени – илегална и прекумерна сеча како и мали проточни хидроцентрали кои го уништуваат биодиверзитетот.

Акцијата „Климатски баланс“ е всушност климатска клацкалка со поставена санта мраз на едната страна и модел од планетата Земја на другата страна. Сантата мраз која интензивно се топи на скопските горештини го претставува топењето на глечерите и половите и кризата на северниот пол кој е сериозно загрозен и се претпоставува дека во наредните децении комплетно ќе го снема. Планетата Земја која засега е високо и на безбедно, набрзо, со топењето на станата мраз ќе се спушти кон огнот најавувајќи го пеколниот период кој ни претстои во случај да не преземеме големи и брзи чекори за намалување на глобалното затоплување кое несомнено ќе не погоди сите и никој нема да биде поштеден.

Акцијата е спроведена од Центарот за современи уметности Скопје, а е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

16 јули 2021