Урбаната акција, посветена на битките со глобалното затоплување и климатските промени, на едноставен начин дава приказ колку брзо се топи мразот на високите температури и потсетува дека она што го гледаме на жешкиот асфалт се случува и со поларните глечери за кои се проценува дека доколку не се преземат драстични мерки целосно ќе се стопат до крајот на овој век, а нивото на морето ќе се крене за 2 м. Со овие климатски промени милиони луѓе ќе бидат приморани да ги напуштат своите домови, а милиони хектари земјиште ќе стане необработливо.
Kлиматските промени се реалност и сѐ почесто ги чувствуваме на сопствената кожа. Веќе не е прашање дали ќе се случат туку какво ќе биде нивното влијание и во колкава мера ќе ја погодат планетата Земја и каква ќе биде состојбата во Македонија. Годинава иако не директно, сепак индиректно заради екстремно малата количина врнежи и екстремните температури од над 45 степени во многу земји, особено во Јужна Европа и Северна Америка, се случуваат најжестоките и најголемите шумски пожари во поновата историја. Истовремено делови од Западна Европа ова лето со соочија со поплави и количини на врнежи од над 200 литри на метар квадратен за еден ден, незабележани во прецизните метеоролошки извештаи кои со векови наназад се водат во Западна Европа.
Со оваа акција исто како и со акцијата „Климатски баланс“, активистите ја подигаат јавната свест во Македонија за што е можно поодржливо користење на природните ресурси – во прв ред шумите и водата кои за жал се сериозно загрозени со илегална и прекумерна сеча, подметнати пожари и мали проточни хидроцентрали кои го уништуваат биодиверзитетот.
Акцијата е спроведена од страна на Центарот за современи уметности Скопје и финансиски поддржана од Фондацијата отворено општество – Македонија.
—————————————————
12 август 2021